Младата пејачка Анастасија Аврамовска ја глуми поранешната девојка на Огнен Здравковски во неговиот нов спот за песната „Разбуди ме“. Во спотот Огнен се сеќава на среќните денови кога биле заедно. Спотот е снимен во Охрид, во режија на Ненад Јаковљевиќ. Огнен спотот го промовираше преку својот фејсбук-профил.
„Драги пријатели, со голема чест и задоволство ви го претставувам мојот нов спот за песната ‘Разбуди ме’. Слушнете и погледнете, се надевам дека ќе ви се допадне!“, напиша Огнен претставувајќи го видеото.
Музиката за песната ја компонираше Григор Копров, аранжманот е на Владимир Дојчиновски, а текстот го напиша Огнен Неделковски.
Огнен на јавноста ѝ стана познат по учеството во музичкото шоу „Ѕвездите на Гранд“ каде што се натпреварува и оваа година. Тој неодамна настапи на „Макфест“, а пееше и на фестивалот „Златен костен“ во Петрич, Бугарија, каде што ја освои наградата за најдобра сценска изведба за песната „Разбуди ме“.