„Д римерс“ ја преработија легендарната „Лажливи Времиња“ на Венко Серафимов, која првично беше изведена од Армен и Безимени. После повеќе од 30 години ова уникатно музичко дело доби современ аудио запис.
Авторот на оваа песна Венко Серафимов не го криеше своето задоволство од изработениот материјал:
„Многу ретко па и скоро никогаш на своите дела им давам зелено светло во секоја наредна преработка, но конечно желбата после толку време ми се оствари во оваа впечатливо едноставна и моќна преработка на овие момци, па и самото ова дело да го добие потребниот современ звук и самата едноставност во изведувањето и современата продукција ја доведе едната од моите авторски дела до совршенство. Пак ќе кажам дечки, се додека ве има вакви како вас, овие дела ќе траат до бесконечност. Секоја чест на Синиша, Дамир, Јордан и Наташа за да ова своевремено толку мачно изработено ремек дело, после толку години ми влее насмевки и солзи за беспрекорната изведба”.
Ова е 9та песна од првиот албум на „Д римерс“, и како што најавија Јордан и Синиша преостанува уште една песна за да се финализира нивниот албум првенец.
Аудио материјалот како и вообичаено беше изработен од страна на Дамир Пух и Наташа Миха во нивното GreenRoom Sound Studio. Видео записот беше изготвен од страна на ProCam студио.
Ексклузивитет е тоа што Синиша и Јордан ни најавија дека нивниот прв албум ќе биде промовиран во септември, а пред самата промоција, исто така, ни најавија дека во престојниот период ќе споделат и една позитивна вест со сите нас.