Децата од „Дајте музика“ денес ја промовираа песната „Грин форсес“ со која ќе настапат на годинашнот Јуниор Евросонг. Кристина, Анастасија, Миха и Филип денес го објавија спотот преку кој испратија порака до сите дека треба да водат грижа за планетата Земја.
„Ние сме Грин форсес и преземаме контрола. Се сеќавам на едно прекрасно место, бистри води, широки зелени полиња и чисто сино небо. Но, што се случува со мојот дом сега? 7.9 милијарди луѓе очајно имаат потреба од ‘Грин форсес’ кои ќе ја спасат планетата Земја. Тие доаѓаат наскоро“, напишаа тие во најавата за песната.
Од фановите добија коментари со поддршка. Некои од нив им напишаа дека ова ќе биде една од главните фаворити за победник.
МРТ оваа година реши да го искористи правото на интерна селекција и избор на претставник на музичката манифестација. „Дајте музика“ е еден од најпопуларните и најгледани телевизиски програми за деца кај нас. Главни протагонисти се група талентирани актери и пејачи кои за кусо време станаа идоли на новата генерација. Тие испеаја повеќе од 80 песни, на кои веќе три години работат дел од најпознатите македонски композитори, а издадени се два албума и има милионски прегледи на музичките платформи на нивните детски хитови.