Во вториот дел од документарниот филм за СЈО, „Трите“, специјалните обвинителки Фатиме Фетаи, Катица Јанева и Ленче Ристовска откриваат повеќе детали за приватниот живот, но и за стилот на облекување.
Фетаи раскажува за тоа дека уште кога работела во судот во Гостивар била најсредена од сите, но дека кога ќе дојде дома, станува сопруга, мајка и домаќинка и тогаш е облечена спортски.
„Кога сум во Скопје или на прес, ме гледате како сум облечена, ама утре да има свадба во Боговиње, пак ќе облечам димии и ќе ставам злато зашто не сакам мојата свекрва да се почувствува погодена и да озборуваат дека снаа ѝ е поинаква од другите, раскажува Фетаи.
Открива дека се омажила на 17 години, а сопругот имал 18 и бил многу љубоморен, но чекала да дојде нејзиното време.
Катица Јанева, пак, вели дека имала понуди од многу модни креатори за тоа како да се облекува, но дека сепак таа е една обична жена и не сака многу да се истакнува со скапа или брендирана гардероба.
Ленче Ристовска, пак, вели дека стилот на јавниот обвинител мора да е построг и затоа така се облекува за разлика во приватниот живот кога сака поопуштени комбинации.