(Видео) „Лавиринт“ е новата песна на Тамара и Игор Џамбазов – речиси цела домашна естрада во еден спот

„Лавиринт“ е новиот музички хит на Тамара Тодевска и нејзиниот долгогодишен соработник и пријател Игор Џамбазов. Текстот на песната е напишан од Џамбазов, а музиката и аранжманот е на Роберт Билбилов (Just RB Production).

Спотот се снимаше низ скопските улици, при крајот на мај, а е во режија и продукција на Зоран Зонде Стојановски, додека за камерата беше задолжен Кристијан Теодоров. Станува збор за еден динамичен видео запис, кој ја обединува речиси целата македонска естрада. Во видеото учествуваат голем број на домашни музичари, продуценти, DJ артисти, водители, модели, актери, инфлуенсери, пријатели, соработници и дел од семејството на Тамара Тодевска.

„Среќна сум што успеав да спојам голем број на значајни луѓе за домашната културна сцена во еден видео запис. Верувајте дека договорањето одеше навистина брзо, едноставно и со сите успеавме да снимиме за неполн ден. Речиси сите учесници се и мои блиски пријатели и навистина им благодарам што ја прифатија поканата и успеа да се адаптираат за потребите на „Лавиринт“.

Идејата на ова „обединување“ беше за да се потсетиме малку на минатото, кога дружбите меѓу колегите и уметниците беа секојдневни и многу позастапени од денеска. Да се почитуваме, да соработуваме и да споделуваме квалитетна музика“, посочува Тамара.

Инаку, спотот започнува со интересен дијалог/конверзација меѓу Игор Џамбазов и Тијана Дапчевиќ, со што се дава дополнителна вредност на истиот и го прави привлечен за публиката.

– Игор и Тамара, Тамара и Игор е комбинација која функционира долго време… Тамарче ме покани да бидам дел од песната/спотот и прифатив со задоволство, а текстот го напишав пред некоја година. Се надевам дека „Лавиринт“ ќе биде слушана, а има ли поголем „лавиринт“ од нашево секојдневие!? Сите да го најдеме излезот и вистинскиот пат, а домашната сцена нека остане вака обединета и убава како во спотот, посочува Џамбазов.

Песната е достапна на сите дигитални музички платформи.

Scroll to Top