Македонската пејачка Лина Пејовска влезе во финалето на хрватското музичко шоу „Ѕвезди – летен хит“. Таа го воодушеви жирито со песната на Тончи Хуљиќ, Tower of Babylon, која на фестивалот „Дора“ ја пееше Лорна Буќан. Потоа испеа и дует со Петар Грашо, песната I Don’t Wanna Talk About It.
„Совршена си, не можам да поверувам дека имаш само 16 години. Поседуваш се што треба да има една ѕвезда“, и рече Андреа Андерсај, една од членовите на жирито.
Лина уште од почетокот е една од милениците на публиката, но и на жирито во кое се членови Тончи Хуљиќ, Петар Грашо, Бранко Ѓуриќ, Нина Бадриќ и Андреа Андерсај. Таа во првиот круг ја пееше евровизиската песна My Number One од Хелена Папаризу.
„За учество во музичкото шоу се пријавија преку 2000 кандидати, а влегоа само 60, меѓу кои и јас. Во првиот круг поминав одлично, добив преубави коментари од жирито и затоа сум презадоволна од мојот настап“, рече неодамна Лина за „Репортер“.
Јавноста во регионот ја запозна Лина по учеството во шоуто „Пинкови ѕвездички“. Од неодамна таа снима преработки на светски и балкански хитови, а нејзините видеа имаат преку 2 милиона прегледи на „ЈуТјуб“.
Финалето на најпопуларното музичко шоу во Хрватска ќе се одржи следната сабота (22 јуни).