(Видео) Македонски јавни личности во новата кампања на Моден викенд Скопје

Под мотото „Времето на блесок ќе дојде!“, пејачката Јана Бурческа, писателката Ксенија Николова, дизајнерката Стефанија Насеска и ракометарката Викторија Пеовска се вклучија во новата кампања на „Моден викенд Скопје“. Ова ќе биде 21 издание на најголемиот моден настан во земјата, а ќе се одржи по кризата со коронавирусот, велат организаторите.

„На крајот на февруари, со сценаристот и режисер Кристијан Шемко, снимивме видео портрети и фотографии со познати македонски личности од сферата на дизајнот, културата, уметноста и спортот. Сакавме да го покажеме на автентичен начин ритамот во кој пулсира секој од ликовите“, велат од „Моден викенд“.

Филип Пашоски

„Заедно успеавме да го оживееме и прикажеме динамичното секојдневие, модниот дух и вибрацијата на градот Скопје. Целиот тим беше посветен и фокусиран на истата цел – да се направи најдоброто. Секогаш ми е задоволство да работам со мотивирани луѓе, кои инспирираат и создаваат. Сметам дека тука лежи клучот на успехот за секој проект“, раскажа режисерот Шемко.

Низ карактеристичните сцени во видеата се прикажани многу монументални, но и современи локации во Скопје, како што се Национална опера и балет, Филхармонија, Градски трговски центар, зградата на главната Пошта, Камени мост и кејот на реката Вардар, во комбинација со пешачки улички и метежните булевари.

Ксенија Николова

Во проектот се вклучени и дизајнерките Стефанија Насеска, Наталија Терзија и Машенка, фотографите Филип Пашоски и Ерина Богоева, инфлуенсерката Никица Ацева, фитнес тренерот Марјан Мане Стојановски, моделите Моника Алексовска и Борјан Ристовски и други.

„На кампањата работевме со огромен елан и ентузијазам, понесени од позитивната енергија со која бевме постојано окружени. Нештата во меѓувреме се променија. Меѓутоа, оптимизмот дека сѐ ќе се постави во нормален тек, нема да нѐ напушти ниту сега, а ни во иднина. Истото им го посакуваме и на луѓето за кои постоиме, твориме и ги создаваме проектите. Градот убав повторно ќе светне во полн сјај. Порано или подоцна, блесокот ќе се врати во животите на секој од нас,“ додаваат организаторите на модниот настан.

Илариа Кирилов
Борјан Ристовски
Јана Бурческа
Марјан Мане Стојановски

Scroll to Top