(Видео) „Нема друга Македонија“ – нова преработка на проектот „Македонијо во срце те носиме“

Со моќна порака, огромна љубов кон татковината и длабока почит кон музичкото наследство, вечерва од Охрид тргнува музичкиот караван на проектот „Македонијо во срце те носиме“.

Преработката на безвременската „Нема друга Македонија“ – изведба што претставува симболично заокружување на досегашната работа и горд почеток на ново музичко патување низ Македонија, е последната композиција која јавноста има можност да ја чуе во рамки на проектот.

Под Самоиловите тврдини, во срцето на древниот Охрид, ќе одекне песната која ги обединува срцата на сите Македонци – „Нема друга Македонија“, со музика на Милан Завков, текст на Томислав Которчевиќ и со нова аранжманска обработка на маестро Николче Мицевски, а ја изведуваат сите учесници во проектот – сплотени во една песна, со една мисла, со една љубов – за Македонија.

Концертот започнува во 20 часот, и со тоа стартува патриотскиот караван кој ќе ги посети речиси сите поголеми градови во државата. Публиката ќе има ретка можност да ужива во жива изведба на најубавите македонски песни, отпеани од врвни македонски уметници, кои преку музиката градат мостови меѓу генерациите, чувство на припадност и заедништво.

Проектот, работен под капата на Скендеровски продукција, е повеќе од музика – тој е љубов, порака, искрена посвета на татковината. Со преработки на народни и заборавени песни, тимот создаде звучна хроника која нѐ потсетува на корените, на вредностите што нѐ држат исправени и горди.

Во рамки на продолжението од проектот „Македонијо во срце те носиме“ публиката има можност да ужива во: „Не кажувај либе добра ноќ” (Огнен Здравковски), „Како пиреј” (Ламбе Алабаковски), „Се собрале комитите” (Миле Кузмановски), „Како што е таа чаша” (Спасен Силјаноски) „Ја излези стара мајко”(Марија Спасовска), „По друм одам мајче“ (Мина Блажев), „Горда Македонка“ (Зуица Лазова), „Запејте сите ангели“ (Бојана Скендеровски), „Нека живеј Македонија (Сузана Спасовска) „Мајко силна“ (Александар Тарабунов) „Каде сте Македончиња (Андријана Јаневска) и „Ако умрам ил загинам“ (Наум Петрески). Минатата недела во етерот беше пуштена и „Роде мој“ уште едно музичко дело во кое учествуваа сите учесници.

Scroll to Top