(Видео) Немам два живота за да живеам како што другите сакаат: интервју со Кочо Андоновски геј-активист

Кочо Андоновски македонската јавност го запозна како првиот геј-активист кој јавно зборуваше за својата сексуална ориентација и за правата на ЛГБТИ-заедницата.

Кочо вели дека е задоволен што пред 17 години на тогашната телевизија „А1“, во емисијата „Чуму“, јавно проговорил дека е геј и дека многу работи научил за себеси.

„Во едно такво патување ти можеш да се соочиш и да ги надминеш сопствените предрасуди, стереотипи. Јас не би го заменил тоа за ништо друго“, вели Кочо Андоновски, денес програмски директор на ЛГБТИ Центарот за поддршка.

Во тој период тој добил голема поддршка, но и многу навреди. Изненаден бил од поддршката и од хетеросексуалци, но и лица што се идентификуваат со ЛГБТИ-заедницата.

„Беше зачудувачки затоа што јас со луѓето со кои работев не знаев што ќе се случува бидејќи немавме претходно искуство на кое ќе се базираме, па да знаеме како ќе биде. Не знаев дали следниот ден ќе можам да излезам на улица воопшто, дали ќе можам да одам во продавница или до шалтер. Добив многу поддршка од хетеросексуалци, од луѓе што се идентификуваа со ЛГБТИ-заедницата, кои се криеја и видоа некој зрак надеж дека сепак можеби еден ден нема да биде сè така црно како што тогаш изгледаше“, раскажа Кочо за „Репортер“.

Во периодот пред седумнаесет години вели не се зборувало на оваа тема и денес е тешко на младите активисти да им се објасни дека оваа тема не постоела во нашето општество, ниту во медиумите.

„За ЛГБТИ единствено се зборуваше ако Елтон Џон го фатиле со љубовник или за Џорџ Мајкл“, рече Кочо и додава дека нашето општество доживува ренесанса во поглед на ЛГБТИ-заедницата бидејќи како народ сме научени на различности, кои бргу ги прифаќаме.

„Мојата теорија е дека ние со векови живееме поинаку едни од други и сме научени на различности. Ние сме политички злоупотребени, да ни се вметне тој црв на омраза и на – подели па владеј. Инаку, самиот наш народ е многу, многу отворен и различностите бргу ги прифаќа“, објаснува Кочо.

Има разни приказни што се раскажуваат и со кои се соочуваат припадниците на ЛГБТИ-заедницата. Во Центарот за поддршка има и поединци, кои се соочуваат со насилство, па токму и затоа има и отворено шелтер „Сигурна куќа“, каде што се сместуваат ЛГБТИ-луѓе, кои преживеале насилство.

„Освен самите ЛГБТИ-луѓе, хомофобијата ја живеат и нивните најблиски и семејството, кои исто така трпат ако не физичко, барем вербално или друг вид насилство и потоа таквите ситуации доведуваат до домашно насилство и тензии во едно семејство. Ние работиме и со родители на ЛГБТИ-луѓе“, вели Андоновски.

За него, погрешна е перцепцијата некому да му се даваат некакви си права, а тие да го следуваат со самото раѓање. Тој се води според универзалната декларација на ОН: „Секој човек е роден во достоинство и со права“.

„Луѓето имаат потреба за да се реализираат себеси затоа што никој нема втор живот. Никој не ти го дава. Да ми дадете вие втор живот, ќе речам – во ред, ајде овој ќе го проживеам како што вие сакате и како што сте замислиле дека треба. Но, да го имам јас вториот, ќе си го проживеам како оној што сум“, раскажува Кочо за „Репортер“.

Во однос на дискриминацијата, како општество созреваме, вели Кочо, бидејќи понижувањата, потценувањето, физичкото насилство, дали на работа или на улица – ги има, но сè помалку.

„Моето задоволство е дека заедницата е многу самоуверена, излегува и се бори за своите права. Затоа за нас успешноста на Парадата на гордоста не е само сојузниците да ни дојдат, за нас успешноста е да ни дојде заедницата. Тоа е успехот. Општествено јас можам да ги видам разликата и напредокот, но во однос на институциите, за жал, немаме напредок“, вели Кочо.

Како пример го посочи Министерството за внатрешни работи за кои вели дека не е подготвено да процесира случаи на злосторство од омраза.

„Ние одлично соработуваме за ‘Скопје прајд’, но сè уште не можеме да видиме имплементација на она што веќе е донесено како закон. На пример, злосторството од омраза во Кривичниот законик, каде што сексуалната ориентација и родовиот идентитет се веќе влезени како основи, но ние не можеме да видиме дека полицијата го подготвува својот кадар за да го имплементира овој закон“, рече Кочо.

Кочо алудира и на нападите на ЛГБТИ Центарот за поддршка, кои до ден-денес не се разрешени ниту, пак, некој е обвинет за ова дело.

„Оваа година е 10 години од основањето на ЛГБТИ Центарот за поддршка, а првиот напад беше на неговото отворање, што значи 10 години од првиот напад, кој не само што не е разрешен туку и никој не е повикан на информативен разговор, а камоли да стигне до суд и да стекнеме судска пракса. Има шест напади врз ЛГБТИ-центарот, кои се снимени со нашите безбедносни камери, напаѓачите ги имаме снимено и не се процесирани на ниеден начин досега. Тоа укажува дека хомофобијата и трансфобијата сè уште се многу присутни во институциите“, раскажа Кочо Андоновски за „Репортер“.

Габриела Додевска

 

Scroll to Top