Филмот „Нешто слатко“ вечерва ќе има премиера пред македонската публика во „Синепелкс“. Главните улоги ги толкуваат македонските актери Сашко Коцев и Јелена Јованова, а воедно Коцев е и копродуцент на филмот.
Како режисер, продуцент и сценарист се потпишува словенечкиот стенд ап комичар Тин Водопивец, кој заедно со Уршка Мајдич го напишаа сценариото. Јованова е копродуцент од Хрватска. Македонски партнер е „Процес К продукција“. Филмот премиерно беше прикажан во Љубљана и Загреб.
Сашко Коцев во интервју за Репортер зборуваше за новото филмско остварување во кое и тој има удел во дел од сценариото.
„„Нешто слатко“ ние го преведовме, но во буквален превод би било „Нешто благце“. Но некако ми звучеше фолклорно кога го преведувавме и затоа се одлучивме за „Нешто слатко“. Насловот да не однесе на некоја друга насока, слатки ликови, слатка ситуација во филмот“, рече Коцев во Репортер.
Снимањето поминало одлично. Филмот се снимал во време на пандемија, а посебно бил возбуден како ќе помине премиерата во Љубљана.
„Во Љубљана помина одлично, дури и кога гледам свои дела сум многу самокритичен, веќе го познаваш материјалот и ти е преку глава од тоа што го гледаш. Јас отидов некако „саклдисан“ но премиерата помина надочекувањата. И многу задоволен се вратив од таму. А Јелена Јованова беше на премиерата во Загреб, јас не можев имав претстава во МНТ и после премиерата исто така таа беше многу задоволна“, раскажа Коцев.
Хуморот во филмот е направен во словенечки дух, и интересно е што македонски актери се појавуваат во него што било ризично за тоа како ќе биде прифатен филмот од публиката.
„Филмот е направен во еден словенечки дух и таму може да им биде повеќе занимливо и интересно, од друга страна беше голем ризик на продукцијата, словенечки филм во кој главните улоги ги играат двајца Македонци. Во трејлерот се појавува уште еден Македонец, Александар Микиќ. Никој не нè познава, никој ништо не знае за нас. И тоа беше нивен голем ризик. Улогата за филмот беше напишан за мене, Тин Водопивец рече ова за тебе сум го пишувал, кога пишував тебе те замислував во овој лик. Во пред премиерата кога траеше рекламната кампања, се гледаше да се монтира трејлерот за филмот каде помалку ме има мене, а повеќе Словенците, исто и на билбордите, заради тој комерцијален момент и привлечност за филмот. Но тоа што сме од Македонија, не значи дека губи туку добива на квалитет филмот“, рече Сашко Коцев.
За словенечката ладнокрвност вели дека само така ги доживуваме нив како народ, но напротив со нивниот менталитет се штитат самите себе и не толку јавно искажуваат љубов.
„Не се ладнокрвни, така ние ги сфаќаме. Тие се премногу пристојни и воспитани. Кај нив нема да видиш некој туку така да се вклучи во разговор или емотивен разговор да се отвори пред некого, како ние, да се тепаат за сметка на маса, целата љубов да ја извади веднаш да ја сподели. Од една страна се штитат себе си, а од друга страна те штити тебе, за да не те навреди. Тие се многу интересен микс, Европа со Балканот‘, вели Коцев.
Повеќе за тоа какви случки имал додека патувал за Словенија среде пандемија, како поминал на граница и кога стигнал во Словенија како го пречекале, повеќе погледнете во видеото. Коцев раскажа и дека ги научил Словенците како да уживаат додека пијат ракија и како се мези, но и интересни случи со таксисти кои го препознале дека тој е Сашко Коцев.