(Видео) Нова современа верзија на песната „На Велигден сум се заљубил“

Една од најемотивните македонски љубовни песни доби ново звучно руво токму во пресрет на Велигден. Џина Папас Џокси, Драган Спасов Дац и Александар Митевски создадоа нова современа верзија на „На Велигден сум се заљубил“ – нумера што со години живее во колективната меморија на публиката.

Идејата за оваа соработка зреела со години, но овој Велигден за нив ја донесе вистинската емоција и момент за реализација. Во овој проект се спојуваат искуството, автентичноста и современиот музички израз, создавајќи верзија што природно комуницира и со старата и со новата публика.

Аранжманот и продукцијата ги потпишува Александар Митевски, додека дополнителната строфа, дело на Огнен Неделковски, внесува нова перспектива во приказната, задржувајќи ја нејзината топлина и искрена емоција.

Песната „На Велигден (На Велигден сум се заљубил)“ првпат беше слушната во 1991 година, како авторско дело на Џина Папас Џокси, со аранжман на Тоше Попсимонов – факт што дополнително ја нагласува нејзината вредност и трајност.

Ова издание потсетува дека вистинските песни не се врзани за време. А токму Велигден, како празник на надежта и обновата, е вистинскиот момент една ваква приказна повторно да се раскаже – со нов звук и енергија.

Scroll to Top