(Видео) Симон Трпчески го сефтоса клавирот, донација од Анѓушев за Факултетот за музичка уметност

Во преполна сала во Националната опера и балет, синоќа најпознатиот македонски пијанист, Симон Трпчески со колегите одржа спектакуларен концерт, изведувајќи повеќе дела од Моцарт, Брамс, како и неговиот проект „Македонисимо“, објави „Макфакс“.

Настанот беше по повод новиот клавир „Feurich“- донација од бизнисменот Кочо Анѓушев, за потребите на Факултетот за музичка уметност, во соработка со австриската Амбасада и амбасадорот Мартин Памер.

Заедно со Трпчески синоќа настапија и пијанистката, Елена Атанасовска-Ивановска, виолинистот Момчило Куфујанакис, соло пејачите Иван Наумовски и Горан Начевски.

Круна на вечерта беше проектот „Македонисимо“ со кој Трпечески и неговите колеги ја кренаа публиката на нозе. Квинтетот ги вклучува и Хидан Мамудов (кларинет, алто саксофон и кавал), Александар Краповски (виолина), Александар Сомов (виолончело) и Влатко Нушев (удиралки). Концертите на „Македонисимо“ со кои се промовирира македонскиот ритам наидоа на одличен прием во целиот свет,а многу реномирани критичари го опишаа како манично искуство.

Во салата синоќа беа присустни и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, министерот за култура, Зоран Љутков, а меѓу гостите беше и амбасадорот на Австрија, Мартин Памер.

Како што изјави деканката на Факултетот за музичка уметност, Дарија Андовска, идејата за новиот клавир ја покренал амбасадорот на Австрија, инаку поранешен виолинист, кој самиот дошол во просториите на ФМУ. Потоа со Анѓушев била договорена донацијата на клавирот. Досега музичарите од овој факултет свиреа на инструмент постар од 50 години.

Памер кој важи за голем пријател на Македонија и огромен љубител на музичката уметсност, зборуваше на македонски јазик, а потоа и на англиски, како што рече, во интерес на времето. Кога пијанистот Трпчески му се заблагодари на германски, тој се огласи од публиката, довикувајќи: „Разбирам македонски“, што ги расположи присутните во салата.

Кусо обраќање имаше и Анѓушев, кој рече дека подеднакво голема донација е и онаа на Трпчески на големата сцена.

Scroll to Top