(Видео) Тончи Хуљиќ ќе ѝ прави кариера на Лина Пејовска во Хрватска

Македонската пејачка Лина Пејовска вчера пееше во финалето на хрватското музичко шоу „РТЛ Ѕвезди – Летен хит“. Таа се пласираше меѓу петте најдобри, но не победи. Откако во дует со Нина Бадриќ ја испеа песната „Да се опет теби вратим“ и испадна од натреварувањето, членовите на жирито открија дека се разочарани што нема подобар пласман.

„Ти, Лина, веќе воопшто немаш простор за напредување, затоа што ти си на максимумот“, ѝ рече композиторот Тончи Хуљиќ. Тој додаде дека ќе разговара со неколку хрватски композитори за и тие да се ангажираат околу идната кариера на Лина, но и на сите финалисти на шоуто.

Пофалби за настапот на 16-годишната Лина имаше и Петар Грашо. Тие во полуфиналето минатата недела пееја дует.

„Колку одеше песната напред, толку беше потешко. Сите вечерва можат да бидат победници и тоа е одлично, но и неверојатно тешко,“ ѝ рече Грашо.

Јавноста ја запозна Пејовска пред неколку години кога учествуваше во музичкото шоу „Пинкови ѕвездички“. Таа беше меѓу 60 натпреварувачи во „РТЛ Ѕвезди – Летен хит“, а во шоуто влезе како една од 2000 пријавени учесници.

Победник во финалето е Армин Маликиќ. Тој пееше во „Х-фактор“ истата година кога во шоуто победи Даниел Кајмакоски.

Настапот на Лина со Нина Бадриќ погледнете го ТУКА.

Лина Пејовска растури во популарно хрватско музичко шоу

Scroll to Top