Пејачот Васил Гарванлиев ја промовираше новата песна „Приказна“, заедно со спотот што се снимаше на неколку локации во Охрид. И на секоја од тие локации Васил доживеал незгода, а на крајот завршил и во болница.
„Спотот го снимавме три дена, на изгрејсонце и на зајдисонце. Сменивме неколку локации, ама на секоја локација ми се случи по една незгода. На Св. Наум паднав и го набив рамото; трчајќи низ шумите над Канео, кон Плаошник, паднав и ја шинав ногата; кога скокав од карпата на Трпејца под притисок ми се затна увото и ми се воспали, па на крај завршив во болница. Додека снимавме на Трпејца, се ‘запознав’ и со неколку змии“, ни раскажа Васил за „Репортер“.
Вели дека е презадоволен од спотот и дека со целата приказна испраќа пораки за борбата во и со себе, за тоа што ни се случува во моментов, а носи и заштитна маска против корона во некои од сцените.
„Секој дел од спотот е осмислен така што ќе испрати некоја скриена порака. Сакав ова видео да биде поавангардно, а тоа е доловено преку облеката и впечатливиот накит што го носам“, додава тој.
Ова e втор проект на Васил годинава, по песната You, со која требаше да настапи на Евровизија во Ротердам. Тој самиот е автор на музиката, текстот е на Тања Брковска, а аранжманот е на Давор Јордановски. Видеото го направи “Дигитал бокс продукција“ во соработка со Ристе Филипов и креативниот директор Јелмаз Дервиши.
„Приказна“ е дел од новиот албум на Васил, продолжение на „Ѓердан“ и You. Албумот е во завршна фаза и треба да биде објавен оваа есен.