„Време е да ни дозволите да работиме“, пејачите бараат Владата да го реши проблемот со настапите

By

Откако дваесетина музичари неодамна испратија писмо до Владата и се пожалија дека нема настапи и свадби, па затоа немаат ни приходи, пејачите и угостителите вчера одржаа состанок, на кој разменија мислења и дадоа свои предлози за тоа под кои услови ќе може да се организираат музички настани во угостителските објекти. На состанокот присуствуваа претставниците на Здружението на естрадните уметници, Горјан Стојановски, Ирена Спасовска и Дани Димитровска, а од Независната угостителска комора беа претседателот Здравко Јосифовски заедно со Борис Сидовски и Трајче Толевски.

dobivaj vesti na viber

„Разговаравме за надминување на точката 13, која вели ‘забрането организирање музички настани’, што ги стави во недоумица и музичарите и угостителите. Денеска, контактиравме со претставниците од Комисијата за заразни болести и за утре закажавме средба во Владата за конечно да се утврдат мерките и протоколите до кои треба да се придржуваат и музичарите и угостителите за да се заштити јавното здравје“, рече Горјан Стојановски, претседател на Здружението на естрадните уметници, за „Репортер“.

Со него се сложија и Ирена и Дани, кои се членови на управниот одбор на Здружението. Тие велат дека речиси пет месеци немале настап и дека сакаат да почнат со работа.

„Време е да се работи и пее. Многу наши колеги од народната и забавната фела живеат само од оваа работа и го чекаат моментот да се донесе конечната одлука за да почнеме да работиме“, ни рекоа двете пејачки.

Претходно, портпаролот на Владата во изјава за „Репортер“ рече дека тие не добиле писмо во кое пејачите бараат обесштетување затоа што нема свадби и не заработуваат, но дека Владата и за музичарите обезбеди поддршка и исплата на финансиски средства за април и мај во месечен нето-износ од 14.500 денари. Овие средства ги добија само музичарите што ги исполнуваа критериумите за користење.

Некои од музичарите ја прифатија помошта, а други уште веднаш рекоа дека ќе се откажат од тие 14.500 денари во корист на сиромашната категорија граѓани, кои за време на пандемијата останаа без никакви приходи.

Ќе ви се допадне