Ана Митевска од Скопје е уметник. Долго време слика , а од почетокот на годинава го има и своето ателје. Неодамна, и пристигна поканата за интервју за еден многу познат јапонски магазин „Aatonau” и воедно платформа на која се промовираат талентирани уметници од целиот свет, чие седиште се наоѓа во строгиот центар на Осака. Вели дека била изненадена од стручниот тим на куратори и нивната посветеност и мисија за поврзување и претставување на уметниците со глобалната публика. Статијата насловена „Живописниот свет на апстрактниот експресионизам”, вели Ана и помогна да оствари контакти кои се за неа важни за следни претставувања надвор од границите на Македонија.
„ Ќе се обидам да ја презентирам уметноста на која сум посветена и моја искрена желба е овие „пејзажи на умот” да бидат видени од што е можно повеќе луѓе во светот„, ни вели Ана во разговорот за Репортер.
Иако завршила новинарство, и работела како новинар, сепак, уметноста е таа која ја исполнува и сета своја љубов и своја уметност ја покажува во свето атеље.
„Работев како новинар, професија која успеа да ме исполни. Но, очигледно, останало во мене уште едно недоречено катче, некоја крстосница. Редовно сум посетувала творештво од областа на уметностите. Театарот и ликовните изложби ми биле мојот и втор и трет дом. Мајка сум на две прекрасни ќерки, а се роди и трета, и тоа силно обоена. Бидејќи сум љубител на бои, носталгија, музика, годишни времиња, сите овие елементи природно се влеваат и ми помагаат во креативниот процес за време на сликањето. Долго време се испробував во најразлични техники, но апстракцијата ми прилега најдобро. Смелите и живописни бои ми помогнаа да направам динамични и визуелно привлечни дела“, ни открива Ана.
И додава : „ Интересно е тоа што секоја слика си има своја приказна и ниту една не наликува на претходната. Различни се, но сепак на нив се гледа мојот препознатлив стил на изразување. Платно по платно па се пронајдов повторно. Направив и неколку самостојни изложби. Ми рекоа – успешни. И што е најважно и мене ми се допаднаа.
Конечно годинава и се оствари и долго посакуваната желба да имам свое ателје “ Анарт “ во кое сега се изложени делата кои таму ги сликам, а истовремено и ги продавам. „Враќање нема. Не знам каде ќе стасам ама сум сигурна дека водилки ќе ми бидат само платната и платната, боите и боите„, додава Ана.
Александра Георгиев