Многу колеги и пријатели преку социјалните мрежи му оддаваат почит на глумецот Димче Мешковски, кој почина на 77 годишна возраст.
„Си замина и Мешко, ќе те паметам по насмевката, твојата воздржаност, огромна љубов кон Марика и твоите две ќерки. Добар татко и одличен глумец. Мешко баш те сакав. Аплауз и слава ти“, напиша актерката Весна Бејби Петрушевска.
„Збогум драг мој Мешко. Има ли име ова?- Оваа тага… Низ главата ми експлодираат спомени. Претстави, филмови, серии, радио драми, легендарното Хихирику, тезги, софри, песни, гитари, бесконечни партии карти во театарот. И многу ќеф. Што те познавав, што ме прифати како син, и што навиваше за мене и тогаш кога не требаше. Се гледаме стари“, напиша Игор Џамбазов.
Димче Мешковски глумеше во „Викенд на мртовци“ како Тасе, во „Солунски патрдии“ Секула, а беше дел од екипата на „Женски оркестар“, „Хиирику“ и многу други. Остварил улоги во многу театарски претстави „Диво месо“, „Солунски патрдии“, „Хамлет од Долно Гаштани“, телевизиски серии „Македонски народни приказни“, радио-драми и хумористични серии „Хихирику“ и играни филмови „Викенд на мртовци“.
Својот глас го позајмувал и при натсинхронизацијата на цртани филмови Гаргамел во „Штрумпфови“, а познат е и по улогата на Дедо Мраз во новогодишните претстави за деца.
Добитник е на повеќе награди, меѓу кои и наградата „Војдан Чернодрински“ за животно дело. Мешковски е роден е на 31 октомври 1945 година во Скопје.
Комеморацијата ќе се одржи во салонот на Драмски театар на 28 март во 12ч.