Најбараниот машки манекен во Македонија, Павле Николовски, ја има главната улога во новиот спот на Антонија Гиговска за песната „Никогаш не вели никогаш“. Павле е модел во агенцијата „Моделс ин“, кој последнава година сними реклами и едиторијали за неколку странски брендови.
Пејачката деновиве објавува фотографии од снимањето на спотот и вели дека новото видео ќе излезе наскоро, веднаш откако викендов ќе ја промовира песната на фестивалот во Штип. Режисер на видеото е Даниел Јовески, а автори на песната што Антонија ќе ја пее на годинашниот „Макфест“ се Лазар и Магдалена Цветкоски.
Публиката ја запозна Антонија по учеството во музичкото шоу „Пинкови ѕвездички“. Таа ја имаше главната улога во мјузиклот „Тајно моја“, а летово беше актуелна со песната „Ванила“, што ја сними заедно со Панчо од ДНК. Гиговска неодамна настапи во Романија, на меѓународен фестивал во градот Брешов, каде што го освои второто место.