Животните се збунети во скопската ЗОО, ги нема децата за да ги видат

Скопската зоолошка градина повеќе од еден месец е празна. Едно од омилените места на децата, но и на возрасните, овие денови е многу тивко, вели Тина Мицковска, задолжена за односи со јавноста на зоолошката. Сега таму се само вработените, кои се грижат за животните. Но, ова наскоро ќе се смени. Во зоолошката ќе дојдат и првите посетители кои ќе можат да ги видат фламингата што неодамна беа донесени во Скопје. Но, за почеток, посетителите ќе бидат во многу помал број за да може да се почитуваат мерките за заштита од короната.

„Цел месец тука е необично мирно. Тишината повремено ја нарушуваат патките, гуските, лебедите и кокошките кои деновиве глумат посетители и се шетаат низ целата зоолошка. Периодов секој ден правиме медицински тренинг и анимација на животните за да се чувствуваат убаво. Но, освен што се грижиме за животните, истовремено работиме и на реновирање и на уредување на зоолошката“, раскажа за „Репортер“ Тина, која повеќе од две години работи во Скопската зоо.

Таа вели дека животните сега се искрено збунети од тоа што скоро никој не ги посетува, особено децата, на чија игра и врева се навикнати. Но, дел од нив навистина уживаат во тоа што се сами. „Некои повеќе одмораат и се порасположени од претходно“.

Во моментов таа и сите вработени чекаат зоолошката да се отвори за да можат на јавноста да им ги покажат фламенгата што неодамна пристигнаа кај нас.

„Фламингата сега се во карантин и полека растат и се привикнуваат на новиот дом. Веќе почнаа да ги добиваат и првите розови пердуви. Тие се млади птици помали од една година. Силно розовиот пигмент ќе им се развива во текот на наредните 5 години. Наскоро ќе направиме и големо отворање, но сè уште не знаеме дали ќе биде тоа онлајн или ќе може да дојдат и посетители“, вели таа.

Ни раскажа и дека работите во зоолошката полека почнуваат да се враќаат во нормала.

„Поради мерките, некои од вработените се дома, а ротираме и во смени. Но, кога луѓето си ја сакаат работата, а имаме и еден куп животни што треба да ги чуваме и нахраниме, ништо не е тешко“.

Тина е среќна што сега вработените во зоо не мора да трчаат по несовесните посетители што ги хранат животните и што пробуваат да им влезат во кафезите за да се сликаат со нив. Таа честопати и преку социјалните мрежи апелираше да се почитуваат правилата во зоолошката, а неретко се жалеше и на луѓето што ги игнорираат забраните.

„Јас искрено се надевам дека по ова што се случува со глобалната пандемија, ќе ни ја покрене свеста и луѓето ќе напреднат и интелектуално и емоционално. Кога може да се придржуваат сега кон сите мерки и полицискиот час и со седењето дома за да спасуваат животи, се надевам дека ќе го прават тоа и во иднина и дека нема да фрлаат храна кај животните. Мора да сфатат дека нашите животни се хранат здраво и имаат своја табличка на хранење, а се однадвор е опасност за нив“, додава Тина.

А. Јовановска

Scroll to Top