Организаторите на „Златната бубамара на популарноста“ одлучија оваа година наградата за животно дело да ја добие октетот „Македонија“.
Формиран во 1976 година, октетот „Македонија“ во тоа време собра млади и талентирани музички професионалци, кои речиси 40 години одржуваат успешна музичка кариера. Октетот отпеа некои од најубавите песни во македонската фолк и староградска традиција. Тие имаат одлична кариера пеејќи госпел-музика, црнечки спиритуали и светски евергрини.
Вниманието го привлекоа со оригиналната и дотогаш некористена повеќегласна изведба на народната и староградска македонска песна, која ја практикуваа и во другите изведби. Кога пееле на Скадарлија низ Белград се коментирало „Доаѓаат Македонците“. Кога пееле на официјални дипломатски пригоди, странските гости мислеле дека слушаат снимка.