Актерот Висар Вишка вчеравечер се дружеше со албанскиот премиер Еди Рама на отворањето на изложбата во Националната галерија на Албанија во Тирана. Премиерот носеше син костум и бели патики „конверс“, а актерот се дотера со црни панталони и кошула. На прашањето од „Репортер“ што мисли за тоа дека Рама е стално со патики и на официјални настани, ни рече:
„Еди е одличен уметник. Тоа се гледа по сите негови појави. Да облечеш патики и костум е уметност“, рече Висар и го пофали стилот на премиерот.
Откако се сретнаа на изложбата, Висар објави заедничка слика на која разговараат опуштено, седнати пред галеријата.
„Премиерот е уметничка душа“, ни откри Висар и додаде дека се запознале пред неколку години.
„Ме покани на вечера за најголемиот албански празник. Вечерата беше организирана во чест на најголемите албански уметници што живеат надвор од границите на Албанија“, рече Вишка.
За албанскиот премиер е познато дека е голем љубител на уметноста. Дипломирал сликарсво на Академијата на уметност во Тирана во 1982 година. Четири години живеел во Франција обидувајќи се да направи кариера како уметник. Својата љубов кон уметноста ја покажа и во 2015 година, кога им оддаде почест на жртвите од магазинот „Шарли Ебдо“ така што во џебот од сакото наместо шамивче носеше боици во боите на француското знаме.
Висар Вишка од пред три месеци е дел од кабинетот на министерот за култура, Асаф Адеми. Тој неодамна се врати од Африка, каде што го снимаше својот последен филм. Претходно, публиката го гледаше во телевизиската серија „На терапија“.