Кога Стјепан Хаусер легна на сцената и ја свиреше најпопуларната песна од AC/DC, „Грмотевици“, канонада од „молоњи“ светкаа во салата „Борис Трајковски“. „Ту челос“ вчера во Скопје звучеа нестварно. Стјепан и Лука Шулиќ одржаа концерт кој македонската публика долго ќе го прераскажува. „Како да сум во филм со најдобрата музика“, се слушаше во публиката.
Виртуозите на виолончело, иако доцнеа цел час, ја воодушевија македонската публика на прва. Концертот го почнаа со насловната песна од филмот „Огнени кочии“. По ова се редеа најпопуларните филмски песни од „Титаник“, „Игра на тронови“, „Гладијатор“, „Пирати од Карибите“. Првиот блок побавни песни го завршија со темата од филмот „Дождовен човек“, омилена на Стјепан.
„Првиот дел од концертот им го посветуваме на сите Македонки. Потоа, вториот дел од концертот ќе им го посветиме на сите Македонки. А и по концерот сме тука за сите Македонки“, се пошегува Стјепан.
Популарните Стјепан и Лука, на сцената беа придружувани од македонски музичари на гудачки инструменти и од нивниот тапанар Душан Крањц. Во вториот блок со рок песни растурија на сцената. Шоуто кое беше дополнето со видеа прилагодени на нивната музика, го дополнија со светлечки ефекти, оган на сцената и многу конфети. Иако во салата немаше каде игла да падне, публиката не престана да игра и да пее додека ги свиреа „Смуд криминал“ од Мајкл Џексон, „Грмотевици“ од „Еј-си Ди-си“, „Смелс лајк тин спирит“ од Нирвана и други.
Музичарите кои стекнаа светска слава кога свиреа како предгрупа на Елтон Џон се првите што по подолго време ја наполнија арената „Борис Трајковски“. За концертот на челистите се бараше карта повеќе, а пред салата останаа многу нивни фанови кои не успеаја да влезат, па концертот го слушаа од надвор. Ова е трето гостување на „Ту челос“ во Македонија. Концертот го организираше „Авалон продукција“.
Андријана Јовановска