Младата пејачка Антониа Гиговска е победничка на годинашниот „Макфест“. Но, публиката ја памети и по мјузикалот „Тајно моја“, посветен на поп-ѕвездата Тоше Проески во кој таа ја имаше главната женска улога. Разговорот се погоди да го правиме на денот од годишнината од смртта на Тоше, па некако природно се наметна и прашањето како се соживела со песните од Проески додека настапуваше во мјузиклот.
„Многу сум емотивна кога зборувам за него. Тоше ми дојде во сон ноќта пред да победам на аудицијата. Беше многу чудно. Ми кажа дека верува во мене, дека ќе бидам нешто што Македонија ќе сака да го има, дека луѓето навистина ќе ме ценат. Во сонот ми рече и дека е со мене секогаш, дека ќе ме поддржува без разлика дали е присутен или не. Не знам зошто, ама ми рече и дека сака да ме запознае со сестра му Дора“, првпат јавно Антониа за „Репортер“ раскажа за нејзината поврзаност со Тоше.
Иако пее од мала, во мјузиклот „Тајно моја“ првпат и глумеше. Вели дека во глумењето ѝ помогнале актерите Тони Михајловски, Весна Бејби и Игор Џамбазов. Од првиот јавен настап на музичкото шоу „Пинкови ѕвездички“, преку „Тајно моја“ и „Макфест“, Антониа успеа да се наметне на музикачката сцена. Победничката песна „Никогаш не вели никогаш“ е на Лазар Цветкоски, а спотот го режираше Даниел Јовески.
За тоа како се снаоѓа на музичката сцена и дали постои ривалство меѓу неа и младите пејачки, за тоа што ѝ открила Весна Бејби за Тоше, и дали професорите ѝ попуштаат заради популарноста, погледнете во видеоинтервјуто.
Андријана Јовановска