Арапката Захра Лари е првата лизгачка што настапува со шамија

Захра Лари (22) од Обединетите Арапски Емирати е првата лизгачка што учествуваше на натпревар со шамија. Веќе 10 години се занимава со професионално лизгање, а желбата за ова доаѓа од филмот на „Дизни“, „Ледената принцеза“. Вежбала во единственото лизгалиште во Абу Даби. И покрај сите пречки, Oбединетите Арапски Емирати сепак станаа првата арапска држава што се приклучила на Меѓународната федерација на уметничко лизгање. Захра имала голема поддршка и од татка си за сето ова.

„Почнав да лизгам кога имав 12 години. Татко ми сметаше дека е спротивно на нашите традиција и култура девојка да се занимава со спорт. До тогаш одевме на спортски натпревари само за да навиваме за пријатели и роднини. Денес, татко ми е мојата најголема поддршка“, изјавила Захра.

Кога таа првпат настапи во Италија на првенството во 2012 година, најголемото внимание го привлече нејзината шамија. Судиите тогаш ѝ одзедоа поени за прекршување на кодексот на облекување. На настапот Захра, наместо проѕирни материјали, носеше дебели хеланки.

Scroll to Top