Бившиот фронтмен на „Секс пистолс“, Џон Лидон, сака да ја претставува Ирска на Евровизија

Бившиот фронтмен на групата „Секс Пистолс“, Џон Лидон познат и како Џони Ротен, е меѓу главните кандидати за претставници на Ирска на годинашната Евровизија, објави во понеделникот телевизијата RTE.

Неговата сегашна група Public Image Ltd, ќе биде меѓу шесте изведувачи кои ќе се натпреваруваат за претставници на Ирска на натпреварот за песна на Евровизија во Ливерпул во мај.

За претставникот на Ирска на Евровизија во февруари ќе одлучува жири составено од ирски и меѓународни експерти и публика. Линдон е роден во Лондон, но неговите родители се по потекло од Ирска. Неговата мајка е од Корк, во југозападниот дел на Ирска, а татко му е од Голвеј на западниот брег.

Евровизија ќе се одржи во Ливерпул во 2023 година, затоа што Велика Британија на претходното натпреварување беше втора зад Украина. Вообичаено е победникот да биде домаќин, но организаторите одлучија дека Украина нема услови за тоа заради руската инвазија.

Public Image Ltd најави дека ќе изведе емотивна песна која Линдон ѝ ја посвети на сопругата Нора, со која е во брак 50 години и која боледува од Алцхајмер. Останатите изведувачи кои ќе учествуваат се контавторот ADGY, групата Wild Youth, хип-хоп дуото К Muni & ND, текстописецот Коноли, и Лејла Џејн.

 

Scroll to Top