Со песната „Среќен роденден“ преку 20.000 луѓе во белградската „Штарк арена“ вчера ѝ го честита роденденот на фолк-ѕвездата Лепа Брена. Таа пред неколку дена наполни 58 години. Додека публиката на нејзиниот концерт пееше, фолк-пејачката се расплакала и им се заблагодари за љубовта што ѝ ја даваат со години.
„Таман помислив дека ова ќе биде мојот проштален концерт, но сега не знам дали е така. Знаете дека на седум години одржувам концерт, ќе видиме што ќе биде во следните седум“, рече Брена.
Во текот на концертот на сцената излегоа Боба, нејзините синови Стефан и Виктор, и Филип со Александра Пријовиќ. Тие заедно со Брена ја испеаја песната „Ја немам други дом“.
Фолк-пејачката вчера го одржа првиот од двата концерта во Белград со кои одбележува 35 години кариера. Таа ќе одржи концерти во поголемите градови во регионов. Концерт ќе одржи и во Скопје на 15 декември.