„Две ноќи ќе те успивам, другите ќе те замислувам“ – Северина со емотивно писмо му се обрати на синот Александар

Откако вчера хрватскиот суд одлучи да ѝ го одземе на Северина старателството над 7-годишниот син Александар и одлучи детето да живее со неговиот татко, пејачката денес му напиша емотивно писмо. Северина му порача дека никогаш нема да се откаже од него и дека и понатаму ќе му биде најдобра мајка, иако нема да се секојдневно заедно, туку само 88 часа во месецот. „Во тие 88 часа, ние двајца ќе правиме чуда“, му порачува пејачката.

„Знаеш сине, тоа се само некои листови кои некој ги испишал, а на нив има некои букви кои некој ги скоцкал во зборови, а тие не вредат за нас двајца.

Нè одземаа еден од друг физички, но тоа е единственото што можат да го направат. По 7 ипол години, сега ми даваат да те гледам 88 часа месечно. Еј, па тоа се сепак 88 часа. Можеа да бидат и помалку, беа подготвени на сè и направија сè за да нè повредат. Но, знаеш ли што сè можеме, ти и јас за тие 88 часа? Можеме чуда. Ми дозволија двапати месечно да преспивам со тебе и да те успивам… Еј, колку можеме да си изнакажеме за тие две вечери, тие не можат ни да замислат. Сите други вечери мама ќе те замислува. Бидејќи ти се претвораш во секоја моја мисла и секоја моја мисла се претвора во тебе.

Некои луѓе можат да ми те забранат, но не можат да ми забранат да те сакам, да мислам на тебе секоја секунда. Ова е сине, само еден гаден сон и мама ветува дека брзо ќе се разбудиме. Повторно ќе се успиваме секоја вечер, а за тоа ќе одлучи „господинот време“. Дотогаш, мама ќе биде секогаш покрај тебе и ова брзо ќе помине сине.

Извини што не стигнав ни да ти објаснам што се случи вчера, имавме многу поважни работи… Гледавме „Toy Story 4“, па правевме палачинки, па си игравме во зоолошка… Немаше време за тага ниту за објаснување… Морав да те одведам… Отидовме со насмевка…

Тие чудни зборови кои постојат само на листовите, но не и во реалноста, ги напиша една тетка која не знае кои сме ние и која само си игра со нас… Тетката е на повисоко ниво во играта. Воведе нови правила во играта наречени „хрватско правосудие“. Ние едноставно не го имавме ова предвид, не ги знаевме правилата. Тоа се нејзини правила, нивни, не наши.

Само ти мене биди ми добро и сè ќе биде во ред. Мама е добро, Робине мој, твојот Бетмен те чека. И прости им сине, бидејќи навистина не знаат што прават…“, напиша Северина на „Инстаграм“.

За потсетување, таа вчеравечер го одведе Александар кај неговиот татко, српскиот бизнисмен Милан Поповиќ, откако судот во Загреб нему му го додели старателството врз детето. Северина сега ќе може да го гледа синот два пати неделно по неколку часа, а секој втор викенд да го зема да преспива кај неа.

Северина го изгуби старателството над синот

Scroll to Top