Ексклузивно интервју со Ерос Рамацоти: Ми велеа дека имам лош глас и дека никогаш нема да бидам ѕвезда

Светската музичка ѕвезда, Ерос Рамацоти, доаѓа во Скопје. Вели дека не слушал многу за Македонија, но дека тоа е доволна причина да биде возбуден пред концертот во Скопје. „Секогаш чувствувам посебен адреналин кога настапувам во градови во кои никогаш не сум бил“, ни откри Ерос пред скопскиот концерт, кој е на 30 септември и е дел од светската турнеја Vita Ce N’è. Ерос доаѓа со голем тим и комплетна опрема. Ни откри дека ќе пристигне два дена порано за да го запознае градот во кој првпат доаѓа.

„Ќе ми биде убаво што ќе бидам барем кратко турист во вашиот град. Обично имам полн распоред кога сум на турнеја и тоа не ми остава време за шетање, но овој пат се надевам дека ќе биде поинаку и дека ќе го запознаам локалното население“, вели италијанскиот пејач, кој со години тврди дека љубовните песни секогаш се во мода.

Иако во Скопје доаѓа со свој готвач и ни откри дека италијанската кујна му е омилена, вети дека ќе проба македонски традиционални рецепти.

„Никој не ми кажа дека имате добра храна. Навистина не знаев. Тогаш, дефинитивно, морам да пробам некој македонски специјалитет“, вели Рамацоти.

Мајсторот на италијанската љубовна музика, како што го нарекуваат медиумите, е 35 години на музичката сцена. Иако досега пеел со многу светски ѕвезди, од Тина Тарнер и Никол Шерцингер, глумецот Енди Гарсија па до Луис Фонси, патот до славата не му бил лесен. Но, токму поради песните што ги пее на италијански јазик, Ерос стекна светска популарност. 56-годишниот пејач се потсети и на почетокот на кариерата и ни откри дека во тоа време го одбивале, му велеле дека никогаш нема да стане ѕвезда, ама тој не се обесхрабрил.

„Не можам да кажам како успеав, не знам. Но, кога во пеењето ја внесуваш секоја емоција што ја имаш во себе и пееш искрено, од душа, публиката тоа го препознава. Важно е и да веруваш во тоа што го работиш. На почетокот на кариерата луѓето ми велеа дека нема да издржам, дека немам убав глас, нема да успеам, а дека љубовните песни што ги сакам и ги пеам се застарени и никој не сака да ги слуша. Не дозволив никој да ме победи, ама и никогаш не им се налутив. Другото се факти што зборуваат за себе“, рече Рамацоти.

Тој не крие дека и по повеќе од три и пол децении успешна кариера, ужива во музиката. А за себе вели дека никогаш не би можел да биде нешто друго, освен музичар.

„Го сакам тоа што го правам и знам дека не би можел да работам ништо друго. Работата ми даде можност да снимам дуети со големи уметници, кои ги почитувам, но и да видам места за кои претходно само можев да сонувам. Од Тина Тарнер до Луис Фонси, сите луѓе со кои сум соработувал се одлични музичари, со различни карактери и стилови, а сето тоа го збогати начинот на кој работам. Од секој од нив научив разни работи. Песните, пак, ми се како децата, ги сакам сите еднакво. И едвај чекам да дојдам и кај вас за да ги чуете во живо“, вели тој.

Бидејќи првпат ќе настапи во Македонија, на концертот ќе ги испее своите најголеми хитови, ама и песните од новиот албум Vita Ce N’è.

„Ќе биде тоа убав микс помеѓу старото и новото. Настапот пред публика што те слуша првпат е секогаш голема возбуда, адреналин. За мене тоа чувство е како пак да почнувам од почеток и како да одржувам еден од првите концерти во кариерата“, ни открива светската ѕвезда.

Но, иако зборува отворено за музиката и кариерата, Рамацоти важи за човек што не сака да раскажува многу за приватниот живот. Пред неколку месеци потврди дека вторпат се разведува, ама сега не сакаше да зборува за поранешната жена. Сепак, ни призна дека кога е на турнеја, најмногу му недостигаат неговите три деца, ќерките Аурора Софи (23) и Рафаела Марија (8) и синот Габрио Тулио (4).

„И кога имам настапи во светот, се трудам да бидам со децата што е можно повеќе. Во тие месеци работите се потешки и покомплицирани, ама најважно е човек да успее да се органиира. Се гордеам со нив. Моите деца имаат различен карактер, а јас сум среќен што се градат во исклучителни личности, дури и од мали. Иако не можам да кажам каков сум како татко, се трудам да ги оставам да бидат свои, да им дадам можност да се реализираат себеси. Во исто време сакам да ги насочам во вистински правец и да бидам тука за нив кога им требам“, искрен е пејачот.

Како и повеќето Италијанци, Ерос за себе вели дека е страстен фудбалски навивач. Омилен клуб му е Јувентус. Освен што сака да гледа фудбал, во слободното време обожава да прави едноставни работи.

„Кога не сум на турнеја, кога не снимам, сакам да сум надвор, да возам велосипед, да јавам коњи, но најмногу од се сакам да сум во друштво на моите деца“, вели тој.

Организатор на концертот на Ерос Рамацоти во Скопје е „Авалон“.

Андријана Јовановска
Фото: Џулијан Харгрејвс

Scroll to Top