Македонската публика го засака пред 15 години кога со квизот „Кој сака да биде милионер“ го доби и прекарот „хрватскиот милионер“. Тарик Филиповиќ, еден од најпопуларните актери во регионот, доаѓа во Македонија со монодрамата „Ќиро Блажевиќ“, посветена на хрватската фудбалска легенда. Претставата за тренерот над сите тренери, со кого во 1998 година Хрватска беше трета во светот, е одиграна над 300 пати во преполни сали во регионот.
Од 22 до 27 октомври преставата ќе се игра во неколку градови кај нас. Во Народниот Театар во Битола на 22 октомври, во Скопје е на 24 во МНТ, во Домот на културата во Струмица на 26, а во Штип во Домот на културата на 27 октомври.
Во пресрет на своето гостување, актерот Тарик Филиповиќ во ексклузивно интервју за „Репортер“ зборува за приватниот живот, за тоа како го убедил Ќиро да има претстава за него, за љубовта, за бракот, популарноста на „Милионер“, квизот кој се враќа повторно следната есен, за Хрватска во финалето….
Репортер: Доаѓате во Македонија со монодрамата „Ќиро Блажевиќ“ – приказна за хрватската фудбалска икона. Од каде идејата за оваа претстава?
Ја нареков монокомедија затоа што така звучи попривлечно. Идејата се роди уште пред 10 години, ама Ќиро не беше заинтересиран. Искрено, нему му беше страв дека книга, филм или театарска претстава за него е последната песна на лебедот и дека по тоа, бродот ќе отиде во отпад.
Но, со тек на времето мојата желба и инспирација растеа и успеав да го убедам дека малкумина во животот имаат своја претстава. Тој ја крена рампата, јас почнав со работа, а другото го знаете.
Репортер: Зошто толку Ве инспирира Ќиро?
Сечиј живот е филмска приказна, помалку или повеќе интересна. Ќиро и јас сме Босанци, ист менталитет, слично домашно воспитување. Тој помина многу за да стигне до ѕвездите, преживеа и проживеа разни семејни трагедии и болести, се дружеше со светскиот актерски крем, беше трет во светот со фудбалот, сѐ ова е доволно за инспирација.
Репортер: Како реагира тренерот над сите тренери кога дозна дека подготвувате монодрама за него?
Доволно добро го познавам, па добро проценив дека не треба да го викам на пробите. Знаев дека ќе сака да биде ангел и да оди по вода… Ги изгледа првите четири претстави во својот роден Травник, па во мојата родна Зеница и две свечени премиери во нашиот Загреб. Дури кога сопругата, децата и пријателите му рекоа дека сето ова е одлично, ме гушна и ми рече: „Ти благодарам, сине, што ме направи бесмртен“.
Репортер: Хрватска за малку не стана светски првак, како го преживеавте финалето Хрватска-Франција?
Самото финале ги надмина очекувањата така што не тагував многу. Не отидов во Русија затоа што снимав серија, но мислам дека во текот на годините допрва ќе сфатиме колку е тоа голем резултат за Хрватска. Ама знам дека и вие Македонците навивавте за мојата Хрватска како што би навивале и за мојата Босна! Како што и јас секогаш навивам за вас.
Репортер: За кој клуб навивате во фудбал?
Клубот во истите бои како скопски „Вардар“. Црвено-црната ми е во срцето. Тоа е мојот клуб „Челик“ од мојата родна Зеница. Единствената љубов ми е тој…
Репортер: Важите за еден од најпознатите актери не само во Хрватска туку и во регионот. Кога се јави љубовта за глумата?
На 12 години посакав да станам глумец кога сфатив дека во животот никогаш нема да бидам врвен кошаркар или фудбалер. Сестра ми Емина ме однесе на една аудиција. Тогаш се вљубив во театарските штици, а сѐ друго беше веќе сонуван сон.
Репортер: Претстави, филмови, серии, синхронизации – зад себе имате многу остварени улоги. Кога почнувавте да се занимавате со глума, мислевте ли дека ќе станете толку популарен?
Секогаш имав верба во себе. Како и секое дете, така и јас мечтаев за успех и популарност. А кога го отсонував сето тоа, веќе не беше возбудливо, ама сепак остана да биде убаво.
Репортер: Играте во хумористичните серии. Велат дека не е лесно да играш лик што треба да ја насмее публиката. Како Ви успева тоа?
Од моето богато театарско, ама и филмско искуство, многу е потешко квалитетно да ја насмееш публиката. Го имам тоа босанското во моите гени, а и Бог, секако, ми дал талент за такво нешто.
Репортер: Какво е чувството кога глумите во монодрама, сам на сцена пред публиката?
Монодрама е огромен актерски испит, кој, мислам, го поминав и го положив. Да бидеш сам на сцената еден час и 15 минути и секојпат да гледаш презадоволна публика, тоа е непроценливо.
Репортер: Квизот „Милионер“ соборуваше рекорди во гледаност. Особено Вие ѝ бевте симпатичен на публиката заради односот кон натпреварувачите. Ви недостига ли „Милионер“?
Квизот „Милионер“ беше бомба во своето време. Формат што ми одговараше затоа што немаше подготовки однапред, немаше сценарија, ништо. Сѐ беше една голема импровизација, психологија, брзина во размислувањето. Квизот го памтам како една голема љубов, а за сите што го сакаа, „Милионер“ се враќа на ХТВ наесен во 2019. Сега го водам квизот „Потера“ за кој слободно ќе кажам дека е најквалитетниот квиз на кој сум работел. Брз, возбудлив и еве нѐ во шестата сезона, а гледаноста расте.
Репортер: Во брак сте со Лејла. Важите за една од омилените двојки во Хрватска. Како почна вашата љубов?
Сосема случајно. Како и многу други љубови. Се знаевме од гледање, ама не и лично. Мора да признам дека таа ми пријде, ме потчукна по рамото и… така тргна работава.
Репортер: Со што Ве освои Лејла?
Со нејзината едноставност, грациозност, женственост. Како во една песна: „Одеше на половина метар над земјата“.
Репортер: Што ги советувате Вашите деца?
Мојот помал син е моја копија. И физички и карактерно. Постариот си е во друг филм. Ама што и да изберат во животот, ќе барам од нив, како што бараше и татко ми од мене, да бидат професионални што и да изберат да работат. И, секако, да го сакаат она што го работат.
Репортер: Во Македонија сите знаат кој е Ќиро Блажевиќ, но и Тарик Филиповиќ. Што очекувате од македонската публика?
Во Македонија секогаш добивам многу топла љубов и одлично гостопримство. А за успехот на претставата не се сомневам.
Александра Георгиев