Филмот „Кајмак“ на Манчевски ќе има европска премиера во Португалија

Филмот „Кајмак“ на македонскиот режисер Милчо Манчевски денеска ќе има европска фестивалска премиера на 43. издание на Меѓународниот филмски фестивал Фантаспорто во португалскиот град Порто.

Манчевски досега три пати беше лауреат на Фантаспорто – во 2020 година кога со „Врба“ ја освои наградата „Мануел де Оливеира“ за Најдобар филм во програмата „Недела на режисерите“, во 2017 со „Бикини Мун“ ја освои Специјалната награда на жирито во истата програма „Недела на режисерите“, а во 2016-та ја доби Наградата за кариера, при што беше организирана и ретроспектива на неговите филмови во Порто.

Утре, пак, „Кајмак“ ќе биде емитуван на 51. Издание на еден од најважните филмски настани во регионов, ФЕСТ во Белград, каде се предвидени уште две проекции – утре и в сабота.

На овој фестивал, Манчевски настапи со филмот „Мајки“, кој во 2011 година ја освои Специјалната награда на жирито „Небојша Ѓукелиќ“, а во 2020 неговиот филм „Врба“ беше прикажан во главната конкуренција на ФЕСТ.

Филмот ја имаше светската премиера на фестивалот во Токио во ноември 2022 година. Веднаш потоа беше прикажан и на Филмскиот фестивал „Златен коњ“ во Тајпеј, а по гала премиерата во Македонската филхармонија, „Кајмак“ почна истовремено да се прикажува во кината низ 30 градови низ целата држава, со што стана најгледан филм во земјава во текот на минатата година.

Scroll to Top