Александар Тарабунов синоќа (12-ти јули) во Молдавија ја претставуваше Македонија на реномираниот фестивал „Budzak Sesleri“ и при неговото најавување гордо го крена нашето знаме.
Тарабунов во Македонија се врати со празни раце, но со полно срце. Тој ексклузивно за читателите на Репортер ги споделува своите први впечатоци од фестивалот и културата на Молдавците.
– Ништо, не земав награда. Тука сите си се комшии и имаше во жирито пријатели на изведувачите. Во секој случај убаво си поминувам, се дружам со Руси, Украинци, Гагаузци, Турци, Бугари, Белоруси и Молдавци. Го користам цело време за да им ја запознаам културата. По завршувањето на фестивалот, половина од жирито пријдоа и ми рекоа дека јас сум им бил фаворит цела вечер ама не можеле да гледаат за мене од други причини, но како и да јас пред себе се претставив одлично и ја претставив мојата држава гордо и во најдобро светло, вели Александар Тарабунов за РЕПОРТЕР.
На фестивалот кој преведено на македонски значи „Гласовите на Буџак“ за прв пат Македонија имаше свој претставник по иницијатива на организатор од Бугарија.
– Отидов на покана на организатор од Бугарија. Ми кажа дека сакале оваа година за прв пат да има и претставник од Македонија, и прифатив, вели Тара за поканата.
Александар Тарабунов вели дека Молдавија е сиромашна земја, но и дека луѓето таму знаат да го живеат животот.
– Молдавија е многу сиромашна земја ама луѓето знаат да живеат. Имаат многу убава храна, се е природно и убаво подготвено. Многу се чисти, гостопримливи се и добри луѓе, ги раскажува Тара неговите први впечатоци за Молдавија.