Катарина Ивановска, македонскиот топ-модел со интернационална кариера, пред пет месеци стана мајка. Бебето Вања сега е центарот на нејзиното внимание. Вели дека мајчинството ја разубавело однатре и ѝ создало нови навики.
За „Репортер“ таа реши да открие како се снашла во улогата на мајка, но и што планира понатаму со кариерата.
„Од моментот кога ќе го земеш бебето во прегратки безгрижноста што претходно си ја имал во истата секунда престанува и почнува еден нов и убав дел од животот, полн со слатки грижи“, вели Катарина.
Таа ни откри дека желбата за името била нејзина, но и дека многу му се допаднала на нејзиниот сопруг Цобе, па лесно се договориле. „Јас навистина уживам во улогата на мајка, а Цобе е посветен и вреден татко. Сепак, ќе бидам искрена па ќе ви кажам дека и покрај обврските околу синот, имам време и за себе. И да излезам и да посетам некој од салоните за разубавување. Каде и да одам Вања го носам со мене, освен навечер.Тогаш татко му го чува сосе бабите“, ни открива топ-моделот и актерка од филмот „Трето полувреме“.
Катарина вели дека нејзиното синче било мирно бебе.
„Мирен е, постојано гуга и се смее. Не нè буди никогаш, спие спокојно. Кога го родив и го видов првпат си помислив како можев да родам бебе што е Цобе во мала форма. Ама сега веќе мислам дека го менува ликот и потсетува и на мене“, додава Ивановска.
Катарина во бременоста се здебелила само 6 килограми, па воопшто не ѝ било проблем набрзина да се врати во старата форма. Сега постојано е во вежбалница и вели дека никогаш нема да се откаже од вежбање.
Ја прашавме како во иднина ќе ги усогласува обврските со Вања и манекенската кариера:
„Уште не сум почнала да работам зашто уште го дојам Вања. Но, февруари е месецот кога ја почнувам годината со снимања, па се надевам дека така ќе биде и следната година. Речиси никогаш не работам во Македонија, и кога зборувам за работа, мислам за надвор од земјава. Снимањата се по 2-3 дена, така што Вања и Цобе ќе дојдат со мене“.
Катарина ни откри дека планира во мај следната година сите тројца да го посетат Сан Франциско, САД.
„А потоа одиме во Големото Јаболко за да му раскажам сè на бебушот мал за Њујорк и за мојот живот таму“, вели Катарина.
Александра Георгиев