Јаневска: Подобро се заработува од политички кампањи

Поп-пејачката Андријана Јаневска се врати од Њујорк каде што со својата сестра Николина имаше концерт. Станува збор за класична музика, циклус композиции за мецосопран. Полна под импресии вели дека поминале одлично, а концертот бил доста посетен и веќе имаат покана за следен настап.

„Многу сум ангажирана на музички план. Ќе ја споменам и соработката со грчкиот текстописец Апостолос Стефанпулос, на чија иницијатива ја снимивме песната „Деца на космосот“. Музиката и аранжманот се мои. Сега кога бев во Њујорк, се сретнавме и договоривме уште една соработка“, открива Андријана. Таа беше дел од кампањите на ВМРО-ДПМНЕ. Ја прашавме за нејзиниот ангажман за настапите во кампањите на претходната владејачка гарнитура.

„Што се однесува до политиката, јас на мојот фејсбук-профил никогаш немам напишано ниеден политички статус. Кој за која партија е – тоа е интимна работа и секој тоа може да си го каже на гласање. Но, јас и моите колеги сме професионалци и мора да живееме од нешто така што и настапот за кампањите на ВМРО ми беше чисто професионален“, вели Андријана и додава: Тоа ти е исто, на пример, кога снимателот ја снима таа кампања, тука се и режисерот и куп други луѓе кои работат на сетот и секако од тоа заработуваат. Но, за жал, луѓето тоа поинаку го сфаќаат и те врзуваат дека си симпатизер на одредена партија ако пееш за таа партија“, објаснува Андријана.

На прашањето дали подобро се заработува на овој начин, вели: „Секако дека настапите на кампањите се подобро платени. Значи, јас сум професионалец. Досега сум настапувала на кампањите на речиси сите партии во земјата. И јас пеев само последнава година за ВМРО-ДПМНЕ. Но, ете луѓето поинаку гледаат на тоа зашто настапуваш јавно. Ама јас најмалку сум повикана да кажам кој што треба да прави. Јас и немам партиска книшка“, вели поп-пејачката.

Таа веќе два месеца е доцент на ФМУ. Ни откри дека е строг, ама праведен професор и дека ретко ги турка студентите на испитите.

Се наврати и низ годините од првиот настап на музичката сцена велејќи дека сè почнало случајно. Разговаравме како е да си во исто време и брачен другар и музички соработник, зошто таа и сопругот Гино заедно настапуваат и работат во нивното студиo. Освен за музиката, Андријана ни откри и како ги усогласува музичките обврски со домашните и секогаш успева да најде време да биде со своите два сина Кристијан и Димитар.

Александра Георгиев

Scroll to Top