Јон Ола Санд: „Се надеваме дека МРТ ќе учествува на Евровизија 2018“

Јон Ола Санд, извршниот супервизор на Европската радиодифузна унија (ЕБУ) за Евровизија, во изјава за „Репортер“ напиша дека се надева оти Македонија ќе учествува на Евровизија в година.

„Секако дека се надеваме да најдеме решение за МРТ да биде вклучена во Изборот на песна за Евровизија 2018 година и работиме со МРТ и РТП (португалската национална телевизија) на ова прашање. Ако најдеме заедничко решение, ЕБУ ќе издаде официјално соопштение во соодветно време“, напиша Јон Ола Санд во писмената изјава.

ЕБУ го објави списокот со земји учеснички за Евровизија 2018 година во Португалија, а меѓу нив не е Македонија. Веќе подолго време се шпекулира дека нашата земја нема да учествува на Евровизија поради неплатени долгови на МРТ кон ЕБУ и дека не е доведено во прашање само учеството на земјата на Евровизија, туку и телевизиските преноси на спортски, музички и културни настани за кои постои договор за реемитување преку ЕБУ.

Претставниците на Македонската телевизија, како организатори на Евровизија во Македонија, не беа достапи за официјален коментар.

Мислењето на јавноста во однос на Евровизија е поделено. Некои сметаат дека учеството на овој глобален музички настан е одлична можност за претставување на Македонија и на нашата музика, а други со години велат дека учеството на Евровизија се залудно фрлени пари.

(А.Ј)

Scroll to Top