„Тајната“ рајска плажа на Мајорка сега е непрепознатлива – стана жариште за туристи откако инфлуенсери ја промовираа на интернет.
Кало дес Моро, некогаш скриен залив, се претвори во туристичка атракција откако инфлуенсери на Instagram почнаа да објавуваат впечатливи фотографии од кристално чистата вода и прекрасниот пејзаж.
Минатото лето, туристичките власти ги охрабруваа креаторите на содржини да посетуваат помалку познати локации како овој залив, со цел да се намали притисокот на популарните туристички точки на островот. Но, стратегијата се изјалови – виралните објави привлекоа маса туристи во некогаш мирниот залив.
Снимките покажуваат капачи кои чекаат во ред за да стигнат до песокот, додека купишта ѓубре ја покриваат некогаш недопрената обала. На некои видеа, толпата е толку голема што едвај се гледа земјата.
Многумина ги обвинуваат инфлуенсерите за уништување на плажата Кало дес Моро.
На TikTok се објавени над 1.300 видеа поврзани со плажата, со околу 10 милиони прегледи. На Instagram се појавиле 30 различни хаштагови поврзани со неа.
Градоначалничката Марија Понс минатата година изјави дека секојдневно во заливот доаѓале и до 4.000 луѓе и 1.200 возила. Како реакција, локалните власти ги избришаа сите фотографии кои ја промовираат Кало дес Моро од официјалната веб-страница.
Фрустрираните локални жители го изразија својот револт – стотици активисти се спуштија до заливот и се заколнаа дека ќе го „вратат“ од туристите. Повеќе од 300 демонстранти го окупираа заливот минатиот јуни и развија голем транспарент со натпис: „Ајде да ги окупираме нашите плажи“.
Локалните жители велат дека туристите го третираат заливот како депонија, бидејќи им е мрзливо да го понесат својот отпад назад.
Минатото лето, низ цела Шпанија се одржаа масовни протести против прекумерниот туризам – десетици илјади луѓе излегоа на улиците. Активистите бараат промена на економскиот модел, тврдејќи дека локалците се потиснати од растечките цени поради туристите, странците и купувачите од странство.
Само на Мајорка, минатата година пристигнале над 15 милиони туристи – рекордна бројка. Како одговор, на многу места низ Шпанија се одржаа демонстрации, оставајќи многу туристи бесни поради скапите одмори што не ги добиле како што очекувале.
Акциите вклучуваа маршеви со скандирања „туристи, одете си дома“ и упади на плажи, каде мештани на глас и саркастично ги „дочекуваа“ туристите.
Во еден случај, околу 50.000 жители излегоа на улиците во главниот град Палма. Во Барселона, околу 2.800 луѓе маршираа долж брегот, барајќи нов модел на туризам. Носеа транспаренти со пораки како „Барселона не е на продажба“ и „Туристи, одете си дома“, а некои користеа водени пиштоли на туристите што јадеа во ресторани. Се скандираше „Туристи надвор од нашето маало“ и демонстранти се собираа пред хотелите.