Со месеци јавноста се прашува како би можела да изгледа венчаницата на Меган Маркл за венчавката со британскиот принц Хари. Првин се зборуваше дека како и Кејт Мидлтон, и таа ќе избере фустан од модната куќа на Александер Меквин затоа што тој најдобро котира во британските обложувачници.
Потоа се споменуваше и популарната дизајнерка Вера Ванг, но сега повеќе нема сомнение дека Меган ќе се омажи во фустан од лондонскиот бренд Ralph & Russo, потврдија неколку извори блиски до кралската двојка за „Дејли мејл“.
Иако невестинскиот фустан ќе биде покажан дури на 19 мај кога татко ѝ ќе ја испрати до олтарот во црквата во дворецот Виндзор, веќе е познато дека ќе биде изработен рачно и дека ќе чини 100.000 фунти, што е околу 113 илјади евра, а трошоците ќе ги покрие кралското семејство, пишуваат британските таблоиди.
„Можеби звучи прескапо, но за изработката на овој фустан вложени се стотина часа рачна работа, а ова е венчавка на годината“, вели изворот за „Дејли мејл“.