Мирисот на книгата е првиот македонски литературно – забавен поткаст чија цел е да нè поттикне повеќе да читаме домашни наслови и автори.
Во време на мотивациски поткасти, ова е првиот македонски серијал кој ве води низ возбудливите приказни на авторите и нивните дела.
Препознатливата Татјана Алексиќ е водителот на овој возбудлив книжевен он-лајн свет, каде владеат убавиот збор, македонската литература , автори, писатели и книгољупци кои преку своите дела и книжевни ангажмани оставаат траен белег на македонската и светска култура.
Низ поткастот веќе продефилираа многу оригинални ликови со уникатни приказни – од познати и реномирани писателски имиња, некогаш препознатливи водители и ТВ лица на кои книжевноста им е пасија, преку значајни професори со сериозни титули и достигнувања, до млади писатели кои во себе носат огромен ентузијазам. Тука ќе ги сретнете Игор Џамбазов, Зоран Спасов Ѕоф, Ана Јовковска, Стефан Марковски, Милован Стефановски, Јасна Петков Стојковиќ, Фросина Пармаковска, Наташа Сарџоска, Ленин Јовановски … и многу, многу други ликови од македонската култура.
„Книгите се мали волшепства, како ги читаш и доживуваш – така ги оживуваш. Ти ја читаш – таа те прочитала. Молчелива дур читаш- гласноговорлива кога ќе ја прочиташ. Еднаш прочитана- засекогаш запаметена. Ти ѝ даваш енергија- таа умност! Секоја прочитана книга е твој личен духовен багаж кој те воздигнува над сите материјални богатства – духот ја надживува материјата. Книгите треба да се читаат со мерак, со љубов, само така имаш интеракција со писателот и времето со кое кореспондираш низ страниците“ – вели професорката Татјана Алексиќ
Епизодите на Мирисот на книгата не надминуваат 20-тина минути, со што постигнуваме идеално дигитално надградување на мислите и информациите во било кој дел од денот.
Сè она што сите книгољупци, книгомолци, читатели и писатели можеа да го посакаат за афирмирање на македонското дело и култура, ќе го најдете во дигитален формат на YouTube каналот Stranica mk – Мирисот на книгата.