Многу дилеми и неодговорени прашања по трагедијата на Кајмакчалан

Федерацијата на планински спортови му ја одзема лиценцата на водичот Зоран Костадиновски од планинаркото друштво „Трансверзалец“ по трагедијата  што се случи на Кајмакчалан, каде што животот го загубија двајцата млади планинари Калина Велевска и Александар Миновски. Планинарското друштво кое постои веќе 20 години до 21 март не ќе може да организира планинарски тури на височина над 2.000 метри. Ваквата одлука е донесена по разгледувањето на извештајот што се случувало кобниот викенд на 10 и 11  февруари годинава, кога група од 50-тина планинари тргнале во освојување на планината Ниџе, иако временските услови биле исклучително неповолни.

Лиценцата на Костадиновски му се одзеде поради технички пропусти во организирање на турата, која заврши кобно за двајцата млади планинари, вљубеници во природата. Костадиновски немал лиценца за тури во зимски услови, но „имал големо искуство“, што според Федерацијата го прави компетентен водич на групата.

Претходно Федерацијата на планинарските спортови објави детален извештај од командантот на тимот за брз одговор за заштита и спасување на планина при Дирекцијата за заштита и спасување за тоа што се случувало на Кајмакчалан, каде што викендов младите планинари Калина Велевска и Александар Миновски ги загубија животите. Но, извештајот дава хронологија на настаните, но не и одговори на многу прашања околу загинувањето на двајцата планинари.

Овој извештај само дополнително го зголеми притисокот во јавноста, каде не стивнуваат реакциите и барањето одговори, но и одговорност за тоа што се случило минатиот викенд на Кајмакчалан.

Според хронолошкиот извештај, турата почнала во 9:30 часот, а во 10 часот – 23 планинари се откажале и се вратиле назад. Оние што останале се поделиле во две групи. Во 11:15 часот првата група што ја предводел водичот Зоран Костадиновски се качила на врвот, а по пет минути почнале да се враќаат назад. Во 11:30 часот се сретнале со втората група, што ја предводела Калина Велевска. Според извештајот, водичот Костадиновски дал наредба втората група да го прекине искачувањето поради влошените временски услови. Во 11:35 часот двете групи почнуваат да се симнуваат кон ски-центарот, а седум планинари се одвоиле и самоиницијативно продолжиле кон врвот.

Кога стигнале до мавзолејот е воспоставен радиоконтакт помеѓу водичот Костадиновски и Александар Миновски и Александар добил изрична наредба од Костадиновски да тргнат назад што побрзо. Пет члена од оваа група се сретнале со другите од групата и со водичот на 50 метри од контролната ски-куќичка. Откако виделе дека недостасуваат двајца планинари, Костадиновски придружен од двајца планинари се вратил назад кон врвот, каде што ја пребарал околината обидувајќи да воспостави радиоврска и телефонски контакт. Пребарувањето на теренот траело 30-40 минути. Под претпоставка дека двајцата планинари Калина и Александар се вратиле назад, групата што ги барала се упатила надолу.

Во 13 часот било констатирано дека двајцата планинари не се вратиле, по што била алармирана спасителската служба во центарот.  Десетмина минути подоцна два ратрака од центарот придружувани од Зоран Костадиновки и уште еден планинар се упатиле кон врвот по потрага.

Според извештајот, ратракот го пребарувал теренот до 14.30 по што се вратил во центарот кога и е воспоставен телефонски контакт со Калина и Александар, кои му укажале дека се добро и дека се под некоја карпа. За ова по радиоврска од центарот е информиран другиот ратрак и почнува потрага на терен каде што се претпоставува дека има карпа. Во 17 часот ратракот во кој е Костадиновски се вратил назад во ски-центарот, додека друг ратрак со друг планинар од групата тргнал да ги лоцира според остварениот контакт. Телефонски контакт помеѓу овој ратрак и Александар и Калина се одржувал до 19 часот.

Што се случувало по 19 часот  никој не знае бидејќи на терен останале само грчките спасувачи. Во тек е истрага во Грција околу смртта на двајцата планинари. Македонската полиција е во постојан контакт со грчките колеги, од кои чекаат упатства околу понатамошниот тек на истрагата. Се утврдува дали станува збор за несреќа и кои се околностите кои довеле до немилиот настан.

Вчера на скопските гробишта планинарите и најблиските се збогуваа за последен пат со Калина и Александар. Многумина од нив на социјалните мрежи не стивнуваат со реакциите и револтот зошто воопшто се одржала планинарската тура кога временските услови не биле воопшто поволни. Одговори, но и одговорност побараа и родителите на загинатите планинари, кои пред неколку дена испратија писмо до јавноста во кое изразија сомневање во професионалноста на организаторите, и побараа одговорност зошто и покрај лошите временски услови се продолжило со искачувањето на врвот Кајмакчалан.

Првичните информации од обдукцијата на телата на загинатите планинари покажува дека причина за настанатата смрт била хипотермија. 26-годишната Калина Велевска и 35-годишниот Александар Миновски загинаа по бурата што ги зафатила на планината Ниџе. Најверојатно, од силниот ветер паднале во дол по што на лице место починале. Со помош на хеликоптер, 3 возила и 13 лица од службата за спасување, двете тела беа извлечени од бездната.

Планинари кои често го искачувале врвот Кајмакчалан на социјалните мрежи споделуваат фотографии на кои може да се види конфигурацијата на теренот и во летни услови.  Станува збор за тревната ливада со косина од некои 45% до самиот врв на грчката територија, каде што се движела групата, а од врвот надолу кон македонска територија има остар и непристапен терен, каде што најверојатно се пронајдени телата.

Но, планинарите кои беа пронајдени мртви на врвот Кајмакчалан имале сериозни проблеми пред да се случи трагедијата. Групата од неколку луѓе кои го искачувале врвот против себе го имале разорниот ветер од 150 километри на час и температура од минус 20 степени, што може да се забележи и на видеото објавено на социјалните мрежи.

„И самата му припаѓам на истиот круг во кој се движеле покојните планинари и ги познавам сите актери во приказнава. Ја знам и турата, бидејќи и јас сум ја одела во зимски услови. Знам и која им била програмата на целиот престој. Знам и што очекувавме сите од времето овој викенд, кој не беше за на планина, особено не саботата. Калина ми беше пријателка и никогаш нема да прежалам што не беше со мене викендот на Љуботен, како што се договаравме, туку се одлучи да оди да му се придружи на својот клуб, иако зборувавме дека нема да биде убаво времето. Ми реце: ‘Абе, во бања ќе си седам ако не чини…’ И отиде. Јас барам јавно одговор зошто не се направени сите напори да се спасат тие луѓе, кои биле оддалечени од цивилизацијата колку до врв на Водно. Групата им заминала во селото и ги оставила. Мора да имало начин да се побара помош, макар од Македонија ако Грците не сакале да помогнат“, прашува револтирано планинарката Југослава Дуковска.

Таа вели дека е речиси сигурна дека грчката спасителна служба не потфрлила. „Ги имам видено на дело како спасуваат наш планинар и воодушевена сум. Нека ми одговори некој за ратракот, зошто не побарале да биде пуштен! Санки моторни, што било! Ќе ги нашле на тој начин. Ако побарале, нека кажат. Во консултации со други планинари слушам дека, со добра опрема, таму сепак и на такво време можеле да заминат спасители и пеш. Има начин, има опрема, требало да се постапи така, а не постапиле. Зошто???“, додава таа.

Според Дуковска, не може да се прифати дека имале контакт со Калина и Александар во 14:30 и дека ја имале информацијата дека се засолнети под карпа, а да не им кажале да излезат и да се најдат на рамниот терен, на грчка страна, каде што ратракот можел лесно да ги лоцира.  „Неприфатливо е ова!Ги имале планинарите на линија, можеле да добијат прецизни инструкции од нив каде да ги бараат. Посебно што знаеме каков е теренот за кој станува збор – замислете тревната ливада со косина од некои 45% до самиот врв, што е во Грција (по неа се движела турата), а од врвот надолу кон македонска територија има остро исечена литица за надолу (каде веројатно и ги нашле). Па, ако знаеле дека се на таков стрмен терен, тогаш само требале да дојдат до раб и да одат по него барајќи ги удолу со помош на телефонот, особено што велат дека ги имале на телефонска врска до 19 часот, кога претпоставувам им се испразнила батеријата!“, вели планинарката.  Според неа, изгубен е цел ден. Двајцата планинари полека умирале на студот, очајни што помошта не доаѓа.

Во многубројните реакции на социјалните мрежи се бара правна разврска на случајот. „Сите вие што се нарекувате планинари, не дозволувајте вистината за смртта на Калина и Александар да биде сечена, лепена и монитирана. Не дозволувајте да ве убедуваат дека така требало да биде и дека планината е непредвидлива. Не дозволувајте да бидете тие што ќе молчат и нема да ја кажат вистината поради „солидарност“, „заедништво“, „друштво“, „браќа по планинарска љубов“. Овие вредности се покажуваат кога се грижите за себе и за тие околу вас кога планирате тура, кога сте на терен и кога ги барате изгубените во планина. Не сега и не за ваков трагичен и ужасно тажен повод“, се вели во апелите во кои се бараат одговори за трагедијата што зави во црно две семејства.

Одговори и лоцирање на одговорноста со писмо упатено до јавноста веднаш по трагедијата побараа и фамилиите на загинатите. „Планинарскиот сојуз на Македонија треба итно да го преиспита случајот за да се утврди евентуалната одговорност и да испита од која причина има неколку противречни верзии за самиот настан. Имено, од која причина турата тргнала кога од грчката страна дале предупредување да не се качуваат бидејќи условите биле екстремно лоши, колку пари се земаат од секој учесник во турата и зошто не се одложила турата за наредната недела, за кога имало прогноза дека ќе биде сончево? Кој ја пуштил веста дека во црквичката биле заробени млада жена и нејзината ќерка и дека треба да се спасуваат? Од која причина, кога се дознало дека двајцата млади планинари ги нема, во 14:30 часот, кога се известени грчките власти, ниту тогаш, ниту во текот на целиот ден, ниту следниот ден (родителите кутри од порталите дознаа), никој од организацијата на турата не ги известил родителите, ниту блиските на двајцата млади луѓе, за несреќата и кои можеле да преземат мерки за спасување? Дали воопшто некој од ова катастрофално друштво имал лиценца за водење тури во зимски и екстремни услови? …Ако времето било екстремно лошо со температура од минус 20 степени и ветер од 150 км на час, кој дозволил лицата да тргнат на турата со полулесни јакни кои не се ни за пролетни услови, а не за вака исклучително лоши. ….И редица други прашања, прашалници и дилеми, чии одговори ќе ни помогнат за лоцирање на индивудуалната и колективна одговорност за граѓанска и кривична постапка….. И нормално, да се одземе дозволата за работа на овие аматери!

Дали воопшто некој од државните власти ќе се заинтересира на кој начин овие друштва функционираат, дали ги следат прописите за безбедност на планинарите, дали овие тури некаде се пријавуваат и регистрираат, дали постои некоја евиденција, дали овие друштва имаат обврска на некого да пријават вакви тури и каков е нивниот резултат? Минатата година се дозволи младиот Мартин на возраст од 17 години да оди на ноќна тура на Шапка, но благодарение на околноста што двајца други му го грееле телото на минус 20, истиот преживеа. Треба ли уште некој живот да изгубиме? Ќе се спречи ли ова дилетанство и анарахија и ќе се воведе ред во планинарските тури или ќе се сведе на бизнис во кој човечките животи не вредат ни пет пари????“, прашуваа фамилиите на загинатите скршени од болка.

Даниела Трпчевска, Макфакс

Scroll to Top