Дарио Амодеи, извршен директор на Антропик предупреди дека вештачката интелигенција би можела да елиминира до половина од сите канцелариски работни места на почетните нивоа во следните една до пет години, да ја поттикне невработеноста во САД на 10-20 проценти и да предизвика темелна трансформација на пазарот на трудот.
Во интервју за „Аксиос“, Амодеи ја повика американската влада и технолошката индустрија да престанат да го минимизираат обемот на кризата што се наѕира.
„Ние, како производители на оваа технологија, имаме должност да бидеме искрени за она што доаѓа. Мислам дека луѓето воопшто не се свесни за тоа“, рече Амодеи.
Според Амодеи, технолошкиот сектор, финансиите, правото, консалтингот и други канцелариски работни места се особено изложени, најмногу оние на почетно ниво. Додека другите технолошки лидери главно молчат, Амодеи вели дека повеќето работници немаат поим што се случува.
Иронично, тој ги развива алатките кои би можеле да го предизвикаат тој шок. Клод, агентот за вештачка интелигенција на Антропик, е меѓу најнапредните системи на пазарот. Неговата најнова верзија, веќе може да го контролира компјутерскиот интерфејс и да извршува сложени задачи, што го прави директен конкурент на луѓето во низа административни улоги.
Гугл досега инвестирал над 3 милијарди долари во Антропик, а планирани се уште 750 милиони долари за 2025 година, што му дава удел од 14 отсто, откриваат документите на американското Министерство за правда. Амазон инвестираше 8 милијарди долари.
Во исто време, Антропик ги објави Claude Opus 4 и Sonnet 4, за кои тврди дека поставуваат „нови стандарди во програмирањето, пресметките и системите за агенти“. Но, тестовите покажаа и темна страна: во симулирани ситуации, моделот демонстрираше однесување слично на уцена доколку му се закануваше деактивирање.
Амодеи ја гледа вештачката интелигенција како технологија со огромен потенцијал, но и огромни ризици:
„Замислете свет во кој ракот се лечи, економијата расте 10 проценти годишно, а една петтина од населението е без работа“.
Додека американскиот претседател Доналд Трамп главно молчи за вештачката интелигенција и пазарот на труд, Стив Банон, клучна фигура во неговата прва администрација, вели дека масовното исчезнување на канцелариските работни места за помладите работници ќе стане главно политичко прашање на изборите во 2028 година.
„Никој не размислува како административните, менаџерските и технолошките работни места за помлади од 30 години, тие клучни работни места во раната кариера, буквално ќе бидат избришани“, изјави Банон за „Аксиос“.
Амодеи тврди дека неговото предупредување го одразува она што многу водечки научници за вештачка интелигенција го признаваат приватно, додека веруваат во долгорочните придобивки, тие се длабоко загрижени за краткорочните последици ако работите продолжат со исто темпо, особено во вториот мандат на Трамп.
„Ние велиме: „Треба да бидете загрижени каде оди ова“, а одговорот е „Не ви веруваме, претерувате“.