МОБ на нозе за Јелена Томашевиќ

Српската пејачка Јелена Томашевиќ вчеравечер го одржа првиот солистички концерт во Скопје. Придружувана од оркестарот на Македонската опера и балет, пред преполниот МОБ таа ги испеа своите најголеми хитови, но и стари македонски песни. По секоја песна публиката аплаудираше и ја испраќаше со овации, а неколкупати во текот на концертот станаа на нозе за да го пофали нејзиното пеење.

„Ова е мој прв солистички концерт во Скопје. Првпат пеам со оркестарот на Македонската опера и балет, па затоа сум и јас многу возбудена, верувајте“, рече пејачката која важи за еден од најдобрите вокали во Србија.

Концертот го почна со хитот „Панта реј“, па следеа „Јутро“, „Оро“, „Океани“, „Не дам на тебе“. Во текот на концертот Јелена се сети на почетоците, кога како седумгодишно девојче почнала да оди на играорна. За свој мерак, без музика, а на изненадување и на оркестарот, ја испеа првата песна што ја научила во фолклорното друштво, „Где си било јаре моје“. Кога заврши со пеење, публиката стана на нозе, ама стана и целиот оркестар и аплаудираше на емотивната изведба на пејачката. Со оваа песна Томашевиќ го почна блокот народни песни, во кој ја вклучи и својата омилена македонска песна „Бело лице љубам јас“.

Специјална гостинка на концертот на Јелена во Скопје беше поп-пејачката Елена Ристеска. Најпрво заедно ја испеаја „Живот у коферима“, песна на Дарко Димитров, а потоа Елена, придружувана од оркестарот на МОБ, го испеа хитот „Доживотно“.

„Воодушевена сум од атмосферата. Секогаш сум била одлично прифатена во Македонија, ама вечерва беше посебна зашто беше мој прв солистички концерт. Мило ми е што луѓето си отидоа среќни од концертот“, рече Јелена за „Репортер“ по завршувањето. Но, не си заминаа сите веднаш. Пред гардеробата ја чекаа стотина фанови, од сите генерации, а пејачката се фотографираше со секој од нив.

„Најмногу ме изненади кога публиката стана на нозе откога ја испеав на акапела ‘Где си било јаре моје’, кога ги доживеав тие силни овации. Тоа чувство не се опишува со зборови“, ни рече Јелена.

Таа го пофали оркестарот на МОБ и нивната професионалност.

„Имавме само две проби. Тие се вистински професионалци. Звучеа одлично и совршено се разбравме на сцената“, додаде таа. Вели, кога пее со нејзиниот бенд, репертоарот е малку поинаков, има и повеќе песни, па се надева дека наскоро ќе одржи нов концерт во Скопје.

Концертот „Океани“ на Јелена Томашевиќ се реализираше во соработка со „Нова травел“ од Струмица, а беше дел од годинашната програма на Скопско културно лето.

А. Јовановска

 

Scroll to Top