Култниот бенд „Меморија“ по 25 години од последниот настап се појави на доделувањето на „Златна бубамара на популарноста“. Невозможно беше да не се забележи воодушевувањето на публиката кога на сцената ја отпеаја „Оган под ѕвездите“. На 18 ноември најавија концерт во Метрополис арената, а неодамна го промовираа цедето „Антологија балади“ на кое се снимени 11-те познати балади на Меморија.
Петар Георгиевски – Камиказа, еден од членовите на „Меморија“, вели дека и денес сè уште ја има онаа енергија кај музичарите во бендот како и пред 25 години.
„Енергијата што се почувствува на Бубамара само нè натера да згазиме уште посилно во намерата што ја имавме. Идејата за Меморија и концерт се роди и пред Бубамара, а Бубамарата беше само добар фид-бек за она што ние си го дадовме како збор на 11 јануари, во најладниот зимски ден годинава, да го исполниме. А тоа е да направиме концерт“, открива Патар Георгиевски. Вели дека сега, по 25 години, откако сите си ги знаат мааните и недостатоците, лесно е да се работи зашто низ годините музичкиот квалитет добил на тежина.
„Ова постава во која сега настапуваме е всушност истата постава што го носеше наголемиот товар во она време, со исклучок на петтиот албум, на кој пееше Ристо Самарџиев“, открива Петар.
Во разговорот тој ни откри за соработката со Ранко Петровиќ и идејата за нивниот настап на Бубамара. Вели, на почеток не го сфатил Ранко сериозно да пеат заедно. „Првиот пат кога ми рече не го сфатив толку сериозно. Ама еден ден дојде и ми вели ‘Баце, вие знаете ли да свирите’“, раскажува Камиказа.
Подготовките околу концертот за летово се при крај. Сега се на ред оние мисловни подготовки. Во август почнуваат пробите со пратечките вокали, и со гостите за концертот. „Гостите на концертот се спој на генерации. ‘Зијан’, Паере од ‘Нокаут’“ и Мики Јовановски- Џафер. На сцената ќе пеат и Поце и Ристо Самарџиев“, открива Петар Ѓеоргиевски – Камиказа.
„Навистина сакаме публиката да ја потсетиме на едно убаво и бурно време во кое музиката имала вистинска вредност, за разлика од сега, кога не се знае каде е глава, каде е опашка“, искрен е Петар од Меморија.
Наскоро планираат да го издадат и цедето „Меморија грејтес хитс“ во кое ќе бидат и оние побрзи песни. Задоволни од продажбата на билетите, вели дека очекуваат добар концерт. Билетите се по 500 ден, следи гратис новото цеде на „Меморија“.
А. Георгиев