Обожавателите на „Спајс грлс“ разочарани: Очекуваа турнеја, добија најава за колекција на синглови

Дел од обожавателите на „Спајс грлс“ реагираа со разочарување откако мистериозната најава на групата се покажа како промоција на ново колекционерско музичко издание. Многумина се надеваа на повторно обединување на сите пет членки и концертна турнеја.

Групата ја поттикна љубопитноста со кратка објава на Инстаграм во средата, во која беа наведени датумот и времето за откривање на новоста: 10 септември 2026 година, во 14 часот по британско летно време. Објавата предизвика шпекулации за враќање на концертната сцена, иако турнеја не беше најавена.

Следниот ден беше претставена „The Singles Collection“, која ќе излезе на 6 ноември. Изданието ја одбележува 30-годишнината од дебитантскиот албум „Spice“ и ќе биде достапно во две ограничени колекционерски верзии: со 14 винилни плочи во различни бои и со 14 компакт-дискови.

Колекцијата ги обединува сингловите на групата, оригиналните обвивки, придружните песни и досега необјавени демоснимки. CD-верзијата содржи 160 нумери, вклучувајќи ремикси и посебен диск со четири необјавени демоснимки. Меѓу нив е „Do You Think About Me“, една од најраните снимки на групата. Во изданијата се вклучени и нови пораки од сите пет членки.

Но, за фановите што очекуваа концертни датуми, откривањето на колекцијата не ги исполни очекувањата. Под објавата се појавија коментари со неверување, разочарување и шеги за парите што веќе ги планирале за билети.

„Се шегувате ли?“, прашува еден обожавател, додека друг се пошегувал дека повторно ја враќа кредитната картичка во чантата. Една обожавателка напишала дека залудно преговарала со сопругот за буџетот за концертни билети, а друга дека веќе размислувала за дополнителна работа за да може да си дозволи посета на турнејата.

Во бројни реакции се повторуваше истата желба: на сцената повторно да застанат Викторија Бекам, Џери Халивел, Ема Бантон, Мел Би и Мел Си. Дел од фановите се надевале на светска турнеја, а други шпекулирале за серија настапи во „Сфера“ во Лас Вегас.

Очекувањата беа дополнително поттикнати од јубилејот на „Wannabe“, дебитантскиот хит од 1996 година, кој годинава одбележува три децении од објавувањето.

Мел Си во март, гостувајќи во „The Smallzy Show“, изјави дека членките се во постојан контакт и сакаат повторно да направат нешто заедно. Таа изрази оптимизам за идно обединување, но не посочи конкретен термин.

Подготвеност за нова турнеја покажа и Мел Би. Во разговор за „Page Six“ истиот месец, таа изјави дека би сакала повторно да настапува и да создава музика со групата, истовремено нагласувајќи дека таков проект тогаш не се реализирал. Ниту со најавата за „The Singles Collection“ беа објавени концертни датуми.

Scroll to Top