Ана Свеангам-иам (24) која го претставуваше Тајланд на изборот за Мис Универзум, на сцената носеше сребрен вечерен фустан кој беше целосно направен од отворачи на лименки. Фустанот наречен „Скриен скапоцен дијамантски фустан“ е дело на тајландскиот моден бренд „Манират“ и за негова изработка биле искористени стотици алуминиумски отворачи, комбинирани со кристали на „Сваровски“.
На изборот, Свеангам-иам откри дека фустанот бил инспириран од нејзиното потекло.
„Растејќи со родители кои беа собирачи на ѓубре, како дете постојано бев опкружена со отпад и предмети за рециклирање. Овој уникатен фустан е наменски скроен од фрлени и рециклирани материјали. Она што обично се смета за безвредно за многумина има вредност и убавина“, напиша Свеангам-иам на Инстаграм и објави неколку фотки од креацијата.
На изборот за Мис Универзум што се одржа во Њу Орлеанс, победи Американката Арбони Габриел.