Викендов во организација на Ски центар Маврово се одржа 16. аматерски хуманитарен велеслалом. Организаторите донациите ги доделија на Здружението за хумано-општествен развој „Проект среќа“. Оттаму велат дека парите ќе ги искористат за летниот камп „Шарено лето 2018“, кој им обезбедува летен одмор на децата што живеат во сиромаштија.
„Оваа година не учествував ни јас, ниту некој од ‘Проект среќа’ оти донацијата беше наменета за нашето здружение“, рече за „Репортер“ Кристина Арнаудова, основач на здружението.
„Бескрајно сме благодарни на укажаната доверба и ги уверуваме организаторите на велеслаломот дека средствата ќе стигнат на вистинско место. Сите добиени пари нашето здружение ќе ги искористи за летниот камп ‘Шарено лето 2018’, наменет за деца кои живеат во сиромаштија. Минатата година на овој камп учествуваа 40 деца, а годинава ќе има 120 деца од цела Македонија“, вели Арнаудова.
Целта на „Проект среќа“ е помагање и унапредување на животниот стил, едукација, забава и здрави животни навики кај граѓани на кои тоа им е отежнато, помош на лица со загрозен социјален статус, на лица со физичка и ментална попреченост, жртви на насилство, самохрани родители, деца без родитески надзор или деца од социјално загрозени семејства и лица кои живеат во тешко достапни реони.
Хуманитарната аматерска трка на Маврово се организира од 2003 година. Организаторите се водат од мотото „да скијаме за некого, да скијаме за нешто“. Ова е популарен корпоративен настан на кој се пријавуваат тимови од најголемите компании во Македонија. Годинава привлече 58 тимови, составени од 3 члена скијачи-аматери, кои се натпреваруваат во категориите: мажи, жени, борд и спортски забавни игри на снег.
Арнаудова додаде дека, сепак, имале претставник на трките, нејзиниот сопруг Александар Петковски.
„Тој учествуваше во ‘игрите на снег’ и освои второ место“, ни рече Кристина.
Следен проект на здружението е „Среќно матуранти“, кој ќе почне да се реализира од 20 март.
А. Јовановска