По речиси две години концерти низ сите поголеми градови ширум земјата, некои од најубавите патриотски песни отпеани од Бојана Скендеровски, Миле Кузмановски, Сузана Спасовска, ДНК, Наум Петрески, Зуица Лазова, Александар Тарабунов, Мина Блажев, Андријана Јаневска, Марија Спасовска, Огнен Здравковски и Ламбе Алабаковски, публиката ќе има можност да ги чуе уште еднаш, во придружба на симфониски оркестар и на сцената во Филхармонија.
Освен веќе добро познатите 12 нумери меѓу кои „Заветна“, „Налеј, налеј“, „Оган да го гори“, „Едно име имаме“, „Земјо македонска“… публиката ќе има можност да слушне уште три нови преработки, и тоа „Како пиреј“ во изведба на Ламбе Алабаковски, „Молитва“ ќе ја отпее Бојана Скендеровски, а „Има една земја сонце што ја грее“ ќе ја отпеат Сузана Спасовска и Александар Тарабунов.
За преработките, но и оркестрациите на сите 15 нумери е задолжен маестро Николче Мицевски, додека симфонискиот оркестар ќе музицира под диригентската палка на Сашо Татарчевски.
Влезници за саботниот концерт веќе нема, билетите се распродадени. Организаторите Скендеровски продукција најавија дека сите средства од продажбата на билетите ќе бидат насочени во хуманитарни цели.
Низ целиот музичко-драмски перформанс публиката ќе ја води актерот Дејан Лилиќ. Концертот е в сабота со почеток во 20 часот.