Метју Нимиц, специјалниот претставник на Обединетите нации кој беше медијатор во решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција од 1999 година, денеска во Преспа славеше 79 години.
На свеченото потпишување на договорот меѓу двете земји во Псарадес (Нивици) на грчката страна од Преспанското Езеро присутните му пееја „Среќен роденден“, а доби и торта од грчкиот министер Никос Коѕијас.
Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас при пристигањето во Псарадес, каде што се потпиша конечниот договор за решавање на накедонско-грчкиот спор му ја испеа песната „Happy Birthday“на специјалниот медијатор Метју Нимиц
„На моето семејство му кажав дека оваа година не сакам подароци за роденденот, оти двајца премиери ќе ми дадат голем подарок. Мојата работа е завршена, а овие четворица лидери треба да почнат со работа за да го имплементираат договорот и да ја продлабочат сорабоката меѓу двете земји“, кажа Нимиц.
„Би сакал да упатам честитки на четирите големи водачи од овој регион. Овие лидери покажаа дека ги имаат овие квалитети. Не може често да најдете политичка храброст, стратешка визија и дипломатски вештини и треба да бидеме среќни што имаме вакви луѓе. Работејќи толку многу години на овој спор верувам дека овој договор е од стратешки интерес на двете земји. Ми беше чест што бев медијатор и сега да го посведочам потпишување на овој договор. Долги години разрешувајќи ги овие проблеми резултираше со спогодба која е спроведлива, и која може да служи како пример за ЕУ и за светот дека двајца соседи можат да решат проблем ако се заложат за тоа“, рече Нимиц.