Обвинителите денеска објавија дека нема да подигнат обвинение против американскиот рок пејач Мерлин Менсон по долгогодишна истрага за наводите за сексуален напад и семејно насилство.
Окружниот обвинител на Лос Анџелес, Нејтан Хохман, изјави дека обвиненијата се застарени и дека доказите се недоволни за да се обвини 56-годишниот рокер.
Речиси четири години по почетокот на истрагата, тогашниот окружен обвинител Џорџ Гаскоњ на 9 октомври изјави дека неговата канцеларија бара нови докази за да се додадат на веќе обемното досие што го собрале властите.
Детективите на почетокот на 2021 година рекоа дека го истражуваат Менсон за инциденти помеѓу 2009 и 2011 година во Западен Холивуд, каде Менсон живеел во тоа време.
Менсон рече дека тврдењата на британската актерка Есме Бјанко дека сексуално ја нападнал се невистинити и дел од „координиран напад“ од повеќе жени.
Бјанко го тужеше пејачот, обвинувајќи го за сексуален напад и вознемирување во 2009 година.
Таа е една од четирите жени кои го тужеа пејачот, заедно со поранешната асистентка на Менсон, Ешли Волтерс, манекенката Ешли Морган Смитлајн и жената која одлучи да остане анонимна.
Севкупно, повеќе од десетина жени објавија јавни обвинувања против музичарот, вклучувајќи ја и неговата поранешна свршеница Еван Рејчел Вуд.