„Ролинг стоун“ ги избра 200 најголеми пејачи на сите времиња, на листата ја нема Селин Дион

Култното списание „Ролинг стоун“ објави листа на 200 најголеми пејачи на сите времиња, но на листата ја нема Селин Дион. Според музичките критичари, избрани се вокалисти кои ја обликуваа историјата и ги дефинираа нашите животи, од госпел до панк, а тоа што ја нема Дион, предизвика револт кај фановите ширум светот.

„Со почит кон сите, но тоа што на оваа листа не е вклучена Селин Дион, веројатно најдобриот вокален техничар на сите времиња, се граничи со предавство. Како да потонал ‘Титаник’“, вели продуцентот Џејми Ламберт.

„Гласот може да биде убав како оној на Мараја Кери, лут како оној на Тутс Хиберт, недооценет како оној на Вили Нелсон, мазен и буен како оној на Д’Анџело или цврст како оној на Боб Дилан. Но, на крајот, пејачите кои стојат зад тоа се тука поради една причина – тие можат да го преправат светот само со отворање на устата“, пишува во текстот објавен во „Ролинг стоун“.

Според магазинот најголемата пејачка на сите времиња е Арета Френклин, но тука се и пејачи со просечни гласови, како Кети Пери, пишува „Си-ен-ен“. На листата не се ни Дион Ворвик, Дијана Рос и Стинг.

„Пред да почнете да скролате и да коментирате, имајте на ум дека ова е листата на најголеми пејачи, а не листата на најголеми гласови. Талентот е импресивен; генијалноста е трансцендентална. Се разбира, многу луѓе овде се родени со големи гласови, совршен тон и безграничен опсег. Други имаат погруби, почудни или понежни гласни жици. Како што вели нашата статија за човекот кој заврши на број 112, ’Ози Озборн го нема она што повеќето луѓе би го нарекле добар глас, но тој има одличен глас’. Тоа би можело да важи за повеќе луѓе на списокот“, пишува магазинот во својот текст.

На листата најголеми пејачи на сите времиња, според списанието прва е Арета Френклин, а по неа се Витни Хјустон, Сем Кук, Били Холидеј, Мараја Кери, Реј Чарлс, Стиви Вондер, Бијонсе, Отис Рединг и десетти е Ал Грин.

„Ролинг стоун“ првпат ја објави својата листа на 100 најдобри пејачи во 2008 година, а тогаш на листата доминираа пејачи од ’60-тите и ’70-тите години.

Scroll to Top