Во 1981 година скопската Ромка Јасмин Шабан, која со своето семејство живеела во Виена, Австрија, дошла во Скопје за да се омажи со Боби Фарел, машкиот вокал и танчар на светската диско-атракција, групата „Бони М“.
На нозе биле сите, цело Скопје, а најмногу Шуто Оризари и Топаана. Луѓето се туркале пред хотелот „Континентал“ за да можат барем кратко да видат каква е атмосферата на свадбата кај најпопуларниот скопски зет.
Веднаш по свадбата, младенците заминале за Германија, а по две години им се родила ќерката Занила, која денес се обидува да направи кариера на успешен хип-хоп артист.
„Бони М“ беше една од најпопуларните групи во светот, со хитови што беа на врвот на светските топ-листи во средината на 70-тите и првата половина на 80-тите. Нивните хитови „Сани“, „Браун грл ин д ринг“, „Ма Бејкр“, „Деди кул“, „Риверс оф Бабилон“, „Белфаст“, „Распучин“ ги пеат генерации. Подоцна групата се распадна, а Боби го заштити името и почна да настапува со нови членови. Тој почина на 30 декември 2010 година, а беше пронајден мртов во својата хотелска соба по настапот во Санкт Петербург, Русија.