Стравот го замени среќата, лица со попреченост еден месец служат кафе во „Амбрела“

Караоке-забава, пеење, играње, музика, многу гости… вака изгледаше вчерашниот ден во кафулето „Амбрела“ во центарот на Скопје кога се одбележуваше светскиот Ден на лицата со попреченост. Кафулето „Амбрела“ се отвори на 7 ноември во ГТЦ и е првото кафуле во кое гостите ги послужуваат лица со Даунов синдром, аутизам, физичка попреченост, оштетен вид. Облечени во униформа, со насмевка, ќе ве прашаат што ќе се напиете, а кога ќе стигне нарачката, велат: „Ако треба уште нешто, кажете, тука сме“. Секој од нив си ги знае своите обврски. Од менување пепелници, бришење маси, собирање чаши, послужување на гостите и секој од нив ја живее својата приказна. Вклучени во општеството, среќни што придонесуваат и, пред сѐ, затоа што работат, овие лица велат дека стравот што го имале на почетокот, сега е заменет со неизмерна среќа.

Сопственикот на кафулето, Маријан Петров, ни раскажа дека оваа идеја е нешто што веќе одамна ја има во светот, но и во регионот. Среќен е што, конечно, ова го има и кај нас. Во „Амбрела“ работат 11 лица со попреченост, од кои три се во редовен работен однос, а другите се на обука. Вели дека се работи во одличен амбиент и дека постои вистинска колегијалност меѓу лицата со попреченост и другите колеги во кафулето.

„Сите ние имаме свои потреби и аномалии, па јас не гледам на нив како на лица со посебни потреби. Сите ние имаме исти потреби. Е, сега, ако имаш некои пречки во развојот, тоа не значи дека не можеш да бидеш дел од општеството, да работиш и да придонесуваш“, раскажува Петров.

Како сопственик на локалот, вели дека има ист однос кон сите и дека со причина е избрано кафуле во центарот на Скопје.

„Искрено, избравме кафуле што е во центарот на градот, а не на периферијата, со цел лицата со попреченост да бидат видени, дека се тука околу нас и дека може да работат, и тоа навистина и вредно и добро“, искрен е Петров.

Тој раскажа дека е пријатно изненаден од реакцијата на гостите, кои доаѓаат, си нарачуваат пијалак, седат во кафулето. „Може еднаш или двапати се случило да дојдат гости, да се збунат, дека, ете, не е според нивните очекувања, и да си заминат, но тоа навистина е ретко“, додава тој.

Како социјален работник, заедно со колегите од Филозофскиот факултет, посветил внимание и на обуката на овие лица пред да почнат да работат.

„Видете, мора да почнеме да гледаме поинаку. Знаете ли дека и денес има луѓе што мислат дека Дауновиот синдром е заразна болест, па мајки се собираат во градинките и бараат тоа дете да се тргне од групата или, пак, во парк ќе видат дете со попреченост и не даваат нивното дете да си игра со него. Па, дајте, ве молам! Секаде во светот овие лица ги третираат на поинаков начин“, вели сопственикот на „Амбрела“. Според законот, кај нас лицата со попреченост не смеат да наплатуваат, па тоа го прават нивните колеги.

Работат во две смени, а набргу ќе биде пуштена и кујната, па освен кафе и пијалак, ќе се служи и храна, што значи дека ќе имаат повеќе обврски.

„Требаше да почнеме од некаде и мислам дека го направивме тоа. Ме радува што веќе ми се јавија многу луѓе за да ме прашаат како оди процедурата за вработување лица со попреченост. Но, апелирам ова да не се користи за маркетиншки цели, туку навистина да ги вклучиме во општеството и да има помогнеме“, додава Петров.

Александра Георгиев

 

Scroll to Top